Предмети од личните фондови на истакнатите македонски академици Анте Поповски и на Матеја Матевски ќе бидат промовирани вечерва во 19 часот во Музејот на македонската борба во Скопје. Станува збор за донации на нивни предмети од семејствата Поповски и Матевски, преку кои, Музејот ги збогатува фондовите со подарени материјали за еминентните претставници на втората генерација македонски книжевници, чии дела оставија силен печат врз општествената и културната сцена во втората половина на 20. век.
Семејството на Поповски донираа предмети како лични документи и дипломи, награди, признанија, ордени, други документи за идентификација, потоа документи за професионалната дејност како лични ракописи, кореспонденција, реферати, нацрти, концепти. Во збирката има и фотографски материјал како и уметничкото дело портрет на Анте Поповски од Коле Манев.
Анте Поповски (1931- 2003) е македонски книжевник, поет и есеист, публицист, сценарист, продуцент, преведувач, општественик и академик. Како член на МАНУ и Светската академија на поезијата на Организацијата за образование, наука и култура на Обединетите нации (УНЕСКО), се профилира како еден од афирматорите на македонска книжевна и културна сцена на национално, но и на меѓународно ниво.
Матеја Матевски (1929- 2018) е меѓу најзначајните личности во македонската современа литература и култура, поет на европската лирика, есеист, новинар, преведувач, литературен и театарски критичар. Истакнат општественик и член на МАНУ од 1970 со значаен придонес во областа на книжевноста и културата на Македонија.