Поправен е големиот дефект на водоводната мрежа на Булеварот Први мај во Битола, на потегот над Црн Мост, нормализирано е водоснабдувањето, а пуштен е и сообраќајот низ делницата на која се работеше до рано утрово.
Екипи на јавните претпријатија Водовод и Нискоградба цела вечер до четири часот утрово работеа на санирање на дефектот кој се јави со пукање на азбестна цевка Ф 315 и предизвика кратер на асфалтот, поради што тој дел од градот беше оставен без вода со часови, а сообраќајот беше пренасочен на околните улици.
На местото каде се интервенираше, коловозот утрово беше израмнет со песок и улицата пуштена за возила. Работници од комуналното претпријатие ја изметија сообраќајницата.
Градоначалникот Тони Коњановски соопшти дека се работело за хаварија и дека минатата година изготвиле комплетна документација за реконструкција и промена на водоводната цевка, така што уште оваа градежна сезона ќе започнат со нејзина замена.
Ж. ЗДРАВКОВСКА