ТАТКОТО НА ВАЊА МУ ДАЛ ПОДАТОЦИ НА ПАЛЕВСКИ КОГА ТАА ИЗЛЕГУВА ДА ОДИ НА УЧИЛИШТЕ И КОГА Е САМА, ПОДНЕСЕНО ОБВИНЕНИЕ ЗА ДВОЈНО КИДНАПИРАЊЕ И ДВОЈНО СВИРЕПО УБИСТВО

    ТАТКОТО НА ВАЊА МУ ДАЛ ПОДАТОЦИ НА ПАЛЕВСКИ КОГА ТАА ИЗЛЕГУВА ДА ОДИ НА УЧИЛИШТЕ И КОГА Е САМА, ПОДНЕСЕНО ОБВИНЕНИЕ ЗА ДВОЈНО КИДНАПИРАЊЕ И ДВОЈНО СВИРЕПО УБИСТВОИ покрај неговите траорни изјави, сепак Обвинителството остро го вперува прстот и тврди дека има докази за таткото за соучесништво во киднапирањето на неговото дете, кое по само три часа завршило со смрт. (Фото: Принтскрин од видео на Скопје1)

    Скопското јавно обвинителство поднесе обвинение против четворицата киднапери и помагачи за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на 74-годишниот велешанец Панче Жежовски, за по две тешки кривични дела, грабнување и свирепо убиство.

    Во обвинението го нема Љупчо Палевски-Палчо, бидејќи тој беше во бегство. За него се води посебна кривична постапка по екстрадицијата, по што ќе биде поднесено обвинение за истите кривични дела за кои е пропишана и доживотна затворска казна, по што најверојатно на судењето за монструозните убиства двете обвиненија ќе се спојат.

    Меѓу овие обвинети за грабнување е и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кој им ги дал насоките на Палевски и групата, кога девојчето излегува за да оди на училиште, односно кога да ја киднапираат за да ја остварат планираната изнуда на пари за нејзиниот живот од мајка ѝ од која тој е разведен.

    Според обвинението, прво на 22.11.2023 овие соизвршители заедно со Палевски извршиле грабнување на Панче Жежовски во Велес, со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „цитроен” за да го користат за грабнување на детето во Скопје.

    Обвинетите отишле до куќата на Жежовски, физички го совладале и го врзале, а потоа го ставиле во багажникот и се упатиле до местото викано Рудник во околината на Велес, каде од користољубие и на свиреп начин, со умисла го лишиле од живот со огнено оружје – пиштол со калибар 9 милиметри.

    На 27.11.2023, обвинетите и осомничениот, помогнати од четвртиот обвинет, таткото на Вања, извршиле грабнување на девојчето во влезот од зграда на улицата Наум Наумовски Борче во Дебар Маало во Скопје .

    Откако претходно обвинетиот татко на оштетеното дете, преку првоосомничениот дал упатства за времето кога девојчето ќе излезе само за да оди на училиште, тројцата сега обвинети дошле пред влезот на зградата каде живее оштетеното дете. Со штрафцигер ја отвориле вратата од влезот на зградата, па кога жртвата излегла од лифтот, ја фатиле, ја совладале и ја врзале, заканувајќи ѝ се да не вика, затоа што ќе пукаат. Ја ставиле во вреќа за спиење со подотворен патент и со автомобил ја однеле во близина на местото викано Дупки, во атарот на селото Бразда“, наведува Обвинителството.

    Но, до планираниот откуп воопшто и не дошло. Вања веднаш ја убил Палчо, така вели обвинителството, но и сите останати обвинети, освен таткото, кој негира учество во киднапирањето на неговата 14-годишна ќерка.

    Во Дупки во Бразда, на свиреп начин, со умисла го лишиле од живот малолетното лице, така што првоосомничениот Палевски ѝ нанел огнострелна повреда со истрел од пиштол со калибар 9 милиметри, а обвинетите го закопале телото во претходно ископана дупка. Потоа, на нива покрај земјен пат во атарот на истото село го запалиле автомобилот ‘цитроен’ со велешки регистарски таблици, за што употребиле бензин во туба што го набавил еден од обвинетите“, вели ОЈО Скопје.

    И покрај неговите траорни изјави за негирање, сепак Обвинителството остро го вперува прстот и тврди дека има докази за таткото за соучесништво во киднапирањето на неговото дете, кое по само три часа завршило со смрт.

    Таткото на девојчето им помогнал да го реализираат нивниот план и тој е обвинет за помагање во кривичното дело – Грабнување од чл.141 ст.2 в.в. со ст.1 в.в. со чл.24 од Кривичниот законик“, останува цврсто на ставот обвинителот кој е потпишан на обвинението.

    Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за продолжување на мерката притвор за тројцата обвинети соизвршители и мерката куќен притвор за нивниот помагач.

    Обвинителниот акт се темели на вербални и материјални докази во однос на дејствијата на обвинетите, но со оглед на тоа што постапката против првоосомничениот кој неодамна беше екстрадиран од Република Турција продолжува, јавното обвинителство не е во можност да споделува детали во однос на доказниот материјал. Постапката продолжува и против уште едно лице кое е осомничено дека му помогнало на првоосомничениот по извршувањето на кривичното дело така што му овозможило превоз при бегството до Република Турција. За тоа лице на сила се претходно определените мерки на претпазливост“, соопшти денеска Обвинителството.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира