Една недела пред милиони Европејци да го изберат новиот парламент, екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија (АфД) и натаму е на второто место и покрај неодамнешните сериозни скандали, покажа новото истражување спроведено на 30 и 31 мај.
Ако европските избори се одржат денеска, партијата би добила 16 отсто од гласовите, пред Социјалдемократите (СПД) на канцеларот Олаф Шолц, за кои би гласале 14 отсто, според истражувањето спроведено од институтот за истражување на мислењето Инса за таблоидот „Билд“. Резултатот на АфД е послаб за 1% од 17% во слично истражување спроведено од Инса пред една недела. Германската конзервативна алијанса ЦДУ/ЦСУ е на врвот со 29 отсто гласови, а коалиционите партнери на СПД, Зелените и про-бизнис Слободната демократска партија со 13 отсто, односно 4 отсто.
АфД беше потресена од контроверзии во последните недели, при што на водечкиот кандидат на партијата за европските избори, Максимилијан Кра, му беше забрането да дава јавни изјави откако рече дека не сите членови на паравоените сили на нацистичката Ес-Ес биле криминалци. Вториот кандидат на партијата на европските избори, Петр Бистрон, исто така се повлече од кампањата откако полицијата го претресе неговиот дом во Берлин. Бистрон е под истрага за перење пари и поткуп и дека има врски со проруски мрежи. Покрај тоа, германската полиција го уапси поранешниот помошник на Крах, Џијан Гуо, под сомнение за шпионажа во април. Крах го отпушти по обвинувањата дека парламентарниот помошник шпионирал за Кина.
Иако бранот негативни наслови допрва треба да ѝ наштети на АфД во германските анкети, тоа имаше последици за партијата на европско ниво. Минатата недела АфД беше исфрлена од групата Идентитет и демократија (ИД), сојуз на популистички десничарски партии во парламентот.
Граѓаните од 27 земји-членки на ЕУ треба да изберат нов Европски парламент од 6 до 9 јуни. Гласањето во Холандија започнува на 6 јуни, иако повеќето земји ќе ги одржат изборите в недела на 9 јуни.