ИСЧЕЗНАТАТА БУГАРСКА КРАЛИЦА НА КРИПТОВАЛУТИ, КОЈА УКРАДЕ 4,5 МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ, МОЖЕБИ БИЛА УБИЕНА ОД ШЕФОТ НА БУГАРСКАТА МАФИЈА, КОЈ ЈА ШТИТЕЛ, ОТКРИ ИСТРАГА НА БИ-БИ-СИ

    ИСЧЕЗНАТАТА БУГАРСКА КРАЛИЦА НА КРИПТОВАЛУТИ, КОЈА УКРАДЕ 4,5 МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ, МОЖЕБИ БИЛА УБИЕНА ОД ШЕФОТ НА БУГАРСКАТА МАФИЈА, КОЈ ЈА ШТИТЕЛ, ОТКРИ ИСТРАГА НА БИ-БИ-СИРужа Игнатова последен пат била видена како се качува во авион од Софија за Атина во октомври 2017 и денес е најбараната жена на ФБИ (Фото: Шатерсток)

    Би-Би-Си вечерва ќе објави детали од својата едногодишна истрага за судбината на бугарската кралица на криптовалути Ружа Игнатова, која исчезна во октомври 2017 откако украде 4,5 милијарди долари од милиони луѓе, кои ги измами да вложат пари во нејзината лажна криптовалута уанкоин. Игнатова, која последен пат била видена како се качува во авион од Софија за Атина, денес е најбараната жена на ФБИ.

    Во изминатата година, новинарите на Би-Би-Си се обиделе да дознаат повеќе што се случило со неа и дали воопшто е жива, откривајќи дека човекот кој се грижел за нејзината безбедност бил Христофорос Никос Аманатидис, попознат како Таки.

    „Ни кажаа дека голем дилер на дрога бил задолжен за физичката безбедност на Игнатова. Името на Таки се појави повеќепати“, изјави Рихард Рајнхарт, кој го истражувал уанкоин заедно со ФБИ.

    Оваа теорија е во согласност со документи на Еуропол, во кои стои дека бугарската полиција ги поврзала Игнатова и Таки пред нејзиното исчезнување. Според Еуропол, Таки ја користел финансиската мрежа на уанкоин за перење пари заработени од шверцот на дрога.

    Во родната Бугарија, Таки ужива митски статус, нешто како Ел Чапо и Пабло Ескобар. Тој се смета за шеф на бугарскиот организиран криминал и голем шверцер на дрога. Иако бил истражуван за вооружен грабеж, шверц на дрога и убиство, на Таки никогаш не му се судело.

    „Таки е шефот на мафијата во Бугарија, тој е екстремно моќен. Таки е дух. Не можете да го видите, само слушате за него. Оние кои не го слушаат, исчезнуваат“, кажа Иван Христанов, бивш заменик-министер за правда на Бугарија.

    Се верува дека Таки сега живее во Дубаи, каде што Игнатова купила луксузен пентхаус и каде што преку банки примила десетици милиони долари од измамата со уанкоин. Еден бугарски извор изјави дека Игнатова му плаќала на Таки 100.000 долари месечно за заштита, но наводно тоа не ја спасило.

    Во еден извештај пронајден во домот на убиен бугарски полицаец во 2022 била заведена изјава на полициски доушник дека Таки во 2018 наредил Игнатова да се убие и дека нејзиното распарчено тело било фрлено од јахта во Јонското Море.

    „Ова е многу, многу веројатно. Автентичноста на документот е потврдена од повеќе бугарски органи, а и некои соработници на Таки велат дека теоријата за убиството на Игнатова е точна“, вели бугарскиот истражувачки новинар Димитар Стојанов, чиј сајт го добил документот.

    Телото на Игнатова досега не е пронајдено и истражителите велат дека немаат докази за да го гонат Таки. Игнатова во 2022 беше ставена на листата на десетте најбарани луѓе на ФБИ и останува таму.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира