Пратеникот и поранешниот министер за здравство Венко Филипче денеска најави дека ќе се кандидира за претседател на СДСМ. Филипче велидека во моментов СДСМ ги поминува најтешките моменти од нејзиното основање и дека негова цел е во наредните четири години „да ја обнови, реформира и повторно да ја подигне партијата на ниво кое го заслужува“.
„Мораме да учиме од нашето минато, да ги отстраниме сите недостатоци и да излеземе посилни и пообединети од кога било досега. СДСМ отсекогаш бил и останува столб на демократијата, правдата и напредокот. Силен СДСМ им е пред сѐ потребен на граѓаните како коректив на политиките и насоката во која се движи земјата“, напиша на својот фејсбук профил Филипче, кој беше носител на изборната листа во Четвртата изборна единица, каде СДСМ доби 5 пратенички места.
Филипче беше министер за здравство во владата на Зоран Заев од декември 2017 до јануари 2022.
Кандидатура за претседател на СДСМ најавија и директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони (ТИРЗ) Јован Деспотовски и досегашната министерка за одбрана, а сега пратеничка Славјанка Петровска. Деспотовски вчера до изборната комисија на партијата достави предлог за дополнување на документите при кандидирање односно секој кандидат да достави изјава со која се обврзува, во случај да не биде избран за претседател на СДСМ, да не прифати ниту една друга партиска функција на централно, ниту на локално ниво.
Внатрепартиските избори за претседател на СДСМ ќе се одржат на 30 јуни.