„Старшип“, моќната ракета дизајнирана од компанијата „СпејсЕкс“ на Илон Маск, го имаше првиот целосно успешен лет денеска, откако според планираното, падна во Индискиот Океан.
Демонстративниот лет ја однесе ракетата до височина од 210 километри, постигнувајќи брзина од 25.700 километри на час, „СпејсЕкс“ ја опиша пробата како големо постигнување.
Првите два обида изведени минатата година завршија со голема експлозија по полетувањето, додека при третата проба во март, ракетата се распадна при повторното влегување во Земјината атмосфера.
„И покрај некои оштетувања, ‘Старшип‘ успеа да изведе лет сѐ до мекото спуштање во океанот. Овој едночасовен лет е епско постигнување“, напиша Маск на Икс.
Најголемата и најмоќна ракета некогаш создадена во иднина треба да превезува астронаути на Месечината, а можеби и до Марс.