Педесет и осмото издание на Македонскиот театарски фестивал (МТФ) „Војдан Чернодрински“ во Прилеп почнува вечерва со отворањето на изложбата „Горан Стефановски и книгите“ во 19 часот во Градската библиотека „Борка Талески“.
Половина час подоцна, во Центарот за култура „Марко Цепенков“ е свеченото доделување на наградите за животно дело, за актерите Мими Таневска-Србиновска и Јордан Витанов, а потоа следи изведбата на претставата „Хеда Габлер“ во режија на Васил Христов, а продукција на Драмскиот театар од Скопје.
„Сакам да имаме фестивал кој ќе се менува, но и ќе го менува театарскиот контекст, кој ќе иницира промени кај секој што избрал да се занимава со театар. И видливо е тоа, посебно деновиве во Прилеп дека успеваме на некој начин да ја почнеме промената. Тргнавме од начинот на организација, да ги поедноставиме и осовремениме сите активности во самиот процес, да ја креираме поинаквата естетика, па дури и да почнеме со онлајн продажбата на билетите за првпат оваа година. Фестивалот сакам да го поставиме на мапата на сериозни театарски фестивали и да го задржи статусот на најстариот и најважниот театарски фестивал во
Македонијa“ вели Ана Стојаноска, уметничка директорка на фестивалот.
Вкупно 11 претстави во продукција на националните театри и пет претстави во придружната програма ќе бидат одиграни до 14 јуни во Прилеп, обединети под концептот „Ново читање“ што ги опфаќа двете потпрограми: „Новото читање на драмите од авторот во фокус – Горан Стефановски“ и „Ново читање на класиците“.