Германската полиција ќе прави проверки на сите граници на земјата пред и за време на Европското првенство во фудбал, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Министерката Ненси Фезер кажа дека потегот е неопходен за да се обезбедни најдобра можна заштита за големиот спортски настан кој што се одржува во 10 германски градови.
Целта на проверките е да се идентификуваат и запрат насилни лица уште во рана фаза, додаде таа.
„Нашиот фокус е од заканата на исламски терористи до хулигани и кибернапади. Сојузната полиција ќе ги заштити германските граници, аеродромите и железничкиот сообраќај“, се вели во нејзиното соопштение.
Европското првенство во фудбал почнува на 14 јуни, а ќе заврши на 14 јули.
За време на турнирот, околу 580 странски полицајци ќе им се приклучат на германските полицајци, со фокус на патроли во градовите домаќини, како и на железничките станици и во возовите.
Дополнителни контроли ќе бидат воведени на границите со Данска, Франција, Белгија, Холандија и Луксембург, според Министерството за внатрешни работи.
Патници од Шенген зоната може да бидат подложени на провери на аеродромите и на пристаништата.
Германија од претходно прави проверки на границите со Полска, Чешка, Швајцарија и Австрија поради нелегална миграција.