Доскорешна директорка на основното училиште во Битолско поднела пријава во полиција дека вработен во школото агресивно се однесувал кон неа. Според полицискиот билтен, настанот се случил во петокот во школскиот двор, а пријавено е дека вработениот агресивно се однесувал и ѝ се заканувал. Од полицијата велат дека се преземаат мерки за расчистување на настанот.
Ексдиректорката, на која мандатот ѝ истекол ден пред пријавениот настан, вели дека не се работи само за навреди туку дека била нападната, по што отишла и на болница.
Станува збор за училиште каде во изминатиот период министерот за образование од претходната власт, Јетон Шакири од ДУИ, ги имаше одземено ингеренциите на градоначалникот да назначува директор. Шакири рече дека не се исполнети критериумите за трансформација на работниот однос на наставници кои ги исполнувале условите и законските одредби за поставување прв човек на школото, а од Општина имаа соопштено дека неправедно се одземени ингеренции во делот на именување и разрешување на директор, а не поради трансформација на работни места.
Ж. ЗДРАВКОВСКА