Јужна Кореја најави дека ќе продолжи со пропагандата преку звучници против Северна Кореја за првпат по шест години, како одговор на кампањата на Пјонгјанг со праќање балони со ѓубре преку границата. Северна Кореја викендов испрати околу 300 балони, од кои што 80 слетаа во Јужна Кореја, носејќи ѓубре од хартија и пластика.
Северна Кореја засега не одговара на најавата од Јужна Кореја, но претходно има кажано дека ја смета пропагандата преку звучници како провокација и се има закането дека ќе ги уништи звучниците.
Пред да прекине со пропагандата пред шест години, Јужна Кореја преку моќни звучници емитуваше вести од двете Кореи, како и информации за демократијата и животот во Јужна Кореја.
Јужнокорејската војска тврди дека звучниците се слушаат до 10 километри преку границата со Северна Кореја преку ден, а ноќе и до 24 километри.