ДЕСНИЦАТА ПОБЕДИ НА ИЗБОРИТЕ ЗА ЕВРОПСКИОТ ПАРЛАМЕНТ, КРАЈНАТА ДЕСНИЦА НАПРЕДУВАШЕ ВО НАЈГОЛЕМИТЕ ЗЕМЈИ

    ДЕСНИЦАТА ПОБЕДИ НА ИЗБОРИТЕ ЗА ЕВРОПСКИОТ ПАРЛАМЕНТ, КРАЈНАТА ДЕСНИЦА НАПРЕДУВАШЕ ВО НАЈГОЛЕМИТЕ ЗЕМЈИИзгледа дека најголем победник на изборите е актуелната претседателка на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, бидејќи нејзиниот блок, Европската народна партија, повторно ќе биде најмоќен блок во Европскиот парламент. - Фон дер Лајен во македонскиот парламент (Фото: СДК.МК)

    Европскиот центар на политичка гравитација се поместува кон десно. Партиите од умерената и крајната десница освоија најголем број места во Европскиот парламент на изборите во земјите од ЕУ во неделата на 9 јуни, посебно во најголемите нации, како Германија, Франција, Италија, Шпанија и Полска.

    Најизразено беше во Франција, каде што десничарскиот Народен фронт освои 32 отсто од гласовите, над двојно повеќе од партијата Ренесанса на либералниот претседател Емануел Макрон. Тоа доведе до распуштање на францускиот парламент и предвремени избори на 30 јуни и 7 јули.

    Во Германија, умерената десница, коалицијата ЦДУ-ЦСУ, убедливо победи, но крајнодесничарската Алтернатива за Германија освои повеќе гласови од владејачките Социјалдемократи на канцеларот Олаф Шолц. 

    Гласачите од 27 земји членки гласаа за избор на 720 пратеници во Европскиот парламент, со мандат од 5 години. 

    Нивната прва задача ќе биде да изберат претседател на Европската комисија.

    Иако е малку веројатно да се координираат како унифицирана група во Европскиот парламент, поради внатрешни поделби на многу теми, како на пример Русија, партиите од крајната десница ќе имаат големо влијание на политиката на ЕУ, по прашања од имиграција до климатски политики.

    Собрани заедно, во теорија, радикалните десничарски партии претставуваат втор најголем блок во Европскиот парламент. 

    Во Италија, партијата на премиерката Џорџа Мелони лесно освои најмногу места. Исто така, крајната десница победи во Унгарија и освои пет места повеќе од досега во Холандија.

    Во Грција и Бугарија победи умерената десница.

    Сепак, изгледа дека најголем победник на изборите е актуелната претседателка на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, бидејќи нејзиниот блок, Европската народна партија, повторно ќе биде најмоќен блок во Европскиот парламент.

    Според првичните проекции, ЕНП ќе има 189 места во парламентот и ќе биде доминантна сила, но тешко дека ќе може да владее сам, со оглед на тоа што е далеку од мнозинство.

    Главен предзивик на Фон дер Лајен во наредните недели ќе биде дали ќе успее да постигне договор со традиционалните центристички партии, како социјалистите и либералите, за да обезбеди мнозинство од 361 место во парламентот.

    „Денеска е добар ден за ЕНП. Победивме на европските избори, мои пријатели. Ние сме најсилната партија, ние сме сидро на стабилноста. Заедно со останатите ќе изградиме бастион против екстремите на левицата и десницата. Ќе ги запреме!“, кажа таа.

    Нејзините поддржувачи скандираа: „Уште 5 години’“.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира