ДОБИВМЕ ДОЗВОЛА ОД ГРАДОТ ДА ПРАВИМЕ ФЕСТИВАЛ ВО ПАРК, НО ДАНЕЛА ГО ЗАБРАНИ ВО ПОСЛЕДЕН МОМЕНТ, ВЕЛАТ ОРГАНИЗАТОРИТЕ НА „СКОП ЈАРД“

    ДОБИВМЕ ДОЗВОЛА ОД ГРАДОТ ДА ПРАВИМЕ ФЕСТИВАЛ ВО ПАРК, НО ДАНЕЛА ГО ЗАБРАНИ ВО ПОСЛЕДЕН МОМЕНТ, ВЕЛАТ ОРГАНИЗАТОРИТЕ НА „СКОП ЈАРД“Арсовска тврди дека не е издадена никаква согласност затоа што организаторот сакал да става во тревата контејнери тешки еден и пол тон. (Фото: СДК.МК)

    Организаторите на фестивалот „Скоп Јард“ обвинуваат дека градоначалничката Данела Арсовска спречила и не дозволила во Градски парк од 12 до 16 јуни да се одржи музички фестивал. Арсовска, пак, тврди дека не е издадена никаква согласност затоа што организаторот сакал да става во тревата контејнери тешки еден и пол тон.

    Во соопштение до медиумите, организаторите велат дека во март годинава ја почнале процедурата за добивање согласност од Град Скопје, а во април доставиле барање до архивата за  издавање на дозвола. Потоа по е-пошта е добиена потврда од службите во Град Скопје со направена пресметка за уплата на комуналии, според површината која ќе ја користат и деновите на присуство, како и детали за сметките на кои треба да се извршат уплати.

    „Извршена е уплата согласно насоките, надомест за комунална такса 35.000 денари, како и надоместот за чистење на јавни тревни површини заради организирање на настан 50.000 денари. Но при подигање на решението за кое имаме електронска порака дека е изготвено, од нам непознати и необјаснети причини, истото најдиректно од самата градоначалничка Данела Арсовска е стопирано и не е предадено“, вели  Мартин Ангелов, организатор на „Скоп Јард“ и додава зошто некој би барал да се платат надоместоци на две градски институции, ако барањето не е прифатено.

    Тврди дека контејнерите се наменети токму за трева и дека нема да направат никакви оштетувања, како што тврди Арсовска. Поради ваквиот однос на Арсовска, Ангелов вели дека имаат финансиска штета, сите изведувачи биле закажани и целосно затворено финансиската конструкција преку учество и спонзорство од околу 30 различни излагачи на храна и пијалаци и помали и поголеми компании за реализација еко-активности преку ден. Најавуваат дека ќе го тужат Град Скопје.

    Од Град Скопје велат дека не дале никаква согласонст и дека организаторот лаже. Објаснуваат дека согласност не е издадена оти организаторот имал намера во зелен појас во Градскиот парк во Скопје да постави 12 контејнери од тон и пол секој, кои би се транспортирале во зеленилото со товарни возила и истоварале со виљушкар.

    „Од страна на службите беше укажано дека има локации на кои нема да се уништи зелен појас, а на кои може да се одобри одржување на настан“, велат од Град Скопје.

    Организаторите пак тврдат дека ниту во еден момент, ниту преку електронска пошта или усно не е добиле никакво објаснување, ниту предлог за други локации од страна на Град Скопје. Не добиле ниту објаснување за причините за стопирање на решението, ниту пак одговориле  на барањата за средба.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира