ДОДЕКА НЕМА КАЗНИ, УЛИЦИТЕ ЌЕ НИ БИДАТ ПОЛНИ СО КУЧИЊА СКИТНИЦИ, ВО ХОЛАНДИЈА КАЗНАТА Е 16.000 ЕВРА ЗА НАПУШТЕН МИЛЕНИК, ПОДКАСТ СО РАДМИЛА ПЕШЕВА, ДИРЕКТОРКА НА „ЛАЈКА“

    ДОДЕКА НЕМА КАЗНИ, УЛИЦИТЕ ЌЕ НИ БИДАТ ПОЛНИ СО КУЧИЊА СКИТНИЦИ, ВО ХОЛАНДИЈА КАЗНАТА Е 16.000 ЕВРА ЗА НАПУШТЕН МИЛЕНИК, ПОДКАСТ СО РАДМИЛА ПЕШЕВА, ДИРЕКТОРКА НА „ЛАЈКА“„Сведок сум дека со точак одат дирекно на кучето кое лежи на тротоар. Ако видите дупка не одите на неа ја заобиколувате. Така треба и со уличните кучиња“, вели Пешева. (Фото: СДК.МК)

    Директорката на ЈП „Лајка“ Радмила Пешева смета дека и граѓаните имаат вина што има голем број улични кучиња, бидејќи се лишени од каква било одговорност, а бараат услуги. Пешева во подкастот „За секого по нешто“ на САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека тие ги едуцираат и децата како да се однесуваат покрај улични кучиња и кажува дека додека нема строги казни за сопствениците на миленици, тој проблем не може да се реши. Дотогаш, граѓаните не треба да ги вознемируваат кучињата.

    Подкастот со Пешева можете да го гледате тука:

    „Не дека ние не ги разбираме проблемите на граѓаните со улични кучиња, но проблемот не може да се реши преку ноќ. Ние имавме едукации во градинките како треба децата да се однесуваат покрај улично куче, дека не смее да се трча, не смее гласно да се зборува. Граѓаните не треба да ги вознемируваат кучињата. Сведок сум дека со точак одат дирекно на кучето кое лежи на тротоар. Ако видите дупка не одите на неа, ја заобиколувате. Така треба и со уличните кучиња“, вели Пешева.

    Проблемот со улични кучиња ќе се реши кога ќе има високи казни и кога ќе се казнува, вели Пешева која вооедно е активистка за заштита на животните и потпретседателка на здружението „Анима Мунди“. Таа е свесна за големиот број улични кучиња низ Скопје, знае дека има граѓани кои се гризнати и повредени, но објаснува дека „Лајка“ тука ништо не може да направи, туку другите државни институции како Агенцијата за храна и ветеринарство и Министерството за внатрешни работи (МВР).

    „Дали некој е казнет затоа што не го чипирал кучето или што исфрлил легло? Дали некој води контрола кој создава легло и каде завршува тоа легло, дали некој прашува какво е потеклото, дали некој води евиденција колку кучиња се шверцуваат од Србија и потоа се размножуваат? Размножувањето на кучиња е цела економска дејност која не е регулирана и никого тоа не го интересира, ниту Агенција за храна и ветеринарство, ни МВР. Имаме преголемо производство на кучиња, а немаме контрола како се движат и каде завршуваат. Не е надлежност на ‘Лајка’ да ги контролира овие работи, ‘Лајка‘ ја прави амортизацијата на проблемот, кога веќе е тој настанат, кога кучињата се на улица. ‘Лајка‘ само ја третира опашката на проблемот. Ние сме предлагале да се оданочи некастрирано куче и Општините да собираат пари од секој кој има репродуктивно куче. Одгледувачниците не се регулирани. Сега да отвориме ‘Реклама 5’ знаете колку кучиња ќе најдете на оглас за 50 евра и сите тие кои нема да се продадат завршуваат на улица“, вели Пешева.

    Според податоците на „Лајка“, на улиците има меѓу 6.000 и 10.000 кучиња скитници.  Пешева вели дека е невозможно да се стават сите кучиња во стационар и дека тоа не го решава проблемот, бидејќи повторно поради неодговорно сопствеништво легла ќе завршат на улица.

    „Не се најде еден маж што ќе рече ова и ова ќе се прави. Не треба да измислуваме топла вода. Една Европа го решила проблемот после Втората светска војна, а ние не можеме. Во Виена ако ти избега куче, полицијата ќе ти го врати со фактура од 1.500 евра. Во Холандија казна за напуштено куче е 16.000 евра. Такви казни треба да има и кај нас“, вели Пешева.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира