Петмина ултрамаратонци истрчаа 160 км од Велес до Лопушник за четири дена, за да му оддадат почит на револуционерот и поетот Коста Солев Рацин. Тие вчера, 13 јуни, денот на погибјето на Рацин, пристигнаа на Лопушник, на местото каде е смртно застрелан. Велешаните Зоран Димов, Трајче Михов, Верољуб Додевски, кумановецот Љубиша Андреиќ и скопјанецот Томе Спасовски, тргнаа во понеделникот наутро.
„Секој на свој начин може да оддаде почит на безвременскиот Рацин. Ние го сторивме тоа со овој ултрамаратон. Беше исклучително тешко, посебно првиот ден кога трчавме до Богомила. Имаше висока точка која требаше да ја искачиме со трчање, на овие пеколни температури. Времето не беше на наша страна, но издржавме“, рече Трајче Михов.
Втората вечер преноќиле во Македонски Брод, третата во манастирот „Св. Богородица Пречиста“ во Кичевско, познат уште како Крнински манастир. За овие четири дена тие трчале по сонце и високи температури, запурнина, но сепак ги минале сите препреки и стигнале на Лопушник.
П. ПЕЧКОВ