АМЕРИКАНСКИ ЕКСПЕРТИ ЗА ВОДА ЌЕ РАБОТАТ НА ЗАШТИТА НА ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО

    АМЕРИКАНСКИ ЕКСПЕРТИ ЗА ВОДА ЌЕ РАБОТАТ НА ЗАШТИТА НА ОХРИДСКОТО ЕЗЕРОПосетата на експертите е во рамките на Амбасадорската програма за експерти за вода - Глобалната Стратегија за Вода на САД, а се одвива во периодот од 8-22 јуни во Скопје, Охрид и Поградец. (Фото: СДК.МК)

    Aмериканската амбасадорка Анџела Агелер и тимот експерти од областа на заштитата на животната средина и влијанието на луѓето врз езерата, кои ќе работат на заштита на Охридското Езеро, денеска имаа средба со градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков. Од Општината велат дека фокус на разговорот биле животната средина, УНЕСКО и развојот на градот.

    Градоначалникот ја информирал амбасадорката дека во тек се неколку проекти од оваа област, како и за проектите за кои е изготвена потребната документација и за кои се чека обезбедување финасии, како што се изградба на пречистителна станица Трпејца и изграба на канализациона мрежа долж охридското крајбрежје до Свети Наум. Исто така, се разговарало и за напредокот во исполнувањето на препораките од УНЕСКО за што било потенцирано дека Охрид предначи во реализацијата на препораките додека другите засегнати општини доцнат.

    Според соопштението, тимот на експертите и амбасадорката изразиле поддршка за посветеноста на Општина Охрид и градоначалникот за целосната посветеност во имплементирањето на препораките, како и за посветеноста во реализација на проекти кои се клучни во заштитата на Охридското Езеро и животната средина. Амбасадорката Агелер истакнала дека Општината ја има и ќе ја има поддршката од Американската амбасада за посочените проекти. Исто така, ќе се работи и на заштита на видовите кои живеат во водите на Охридското Езеро, а ќе се следат и одржливите туристички и развојни цели.

    Научниците од Амбасадорската програмата за експерти за вода се состанаа и со претставници на Хидробиолошкиот Институт, Националниот парк Галичица, како и еколошки невладини организации за размена на идеи за тоа како граѓанското општество може да влијае на реформите и заштитата на вредните природни ресурси како Охридското Езеро.

    „Здружението за екологија и туризам Екотуризам 2016 Охрид ги презентираше досегашните резултати од истражувањата на Белчишко Блато (Сини Вирој) и планираните активности поврзани со претстојното прогласување на блатото за Парк на природата. Експертите изразија интерес да помогнат со стручна помош и искуства за управување со водните ресурси и рибната фауна во поширокиот регион на Охридското Езеро, во чиј слив е блатото“, вели екологистот Ѓоко Зороски, инженер по животна средина.

    Посетата на експертите е во рамките на Амбасадорската програма за експерти за вода – Глобалната Стратегија за Вода на САД, а се одвива во периодот од 8-22 јуни во Скопје, Охрид и Поградец.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира