Тројца пациенти во клиничката болница „Ребро“ во Загреб починаа откако се заразиле со легионела, потврди директорот Анте Ќорушиќ. Со оваа бактерија се заразиле вкупно шестмина пациенти и сите претходно биле во тешка здравствена состојба и со ослабнат имунитет.
„Веднаш е алармиран Хрватскиот завод за јавно здравство, кој ги направи сите анализи и ја изолираше бактеријата во водовoниот систем“, изјави заменик-директорот на болницата Миливој Новак.
Епидемиите на оваа болест вообичаено се поврзуваат со водоводните мрежи на болници, хотели и базени и таа најчесто не се пренесува од човек на човек. Таа првпат била откриена во 1976 година за време на конвенција на американските легионери во Филаделфија, па оттука го доби и името.
Легионелата се наоѓа во природата во разни води и опасноста настанува кога ќе влезе во водоводните системи изградени од човекот.