ЗДРУЖЕНИЕТО „МОВЕМБЕР“ ОД ВЕЛЕС Ѝ ПОДАРИ АПАРАТ ЗА УРОЛОГИЈА НА ВЕЛЕШКАТА БОЛНИЦА

    ЗДРУЖЕНИЕТО „МОВЕМБЕР“ ОД ВЕЛЕС Ѝ ПОДАРИ АПАРАТ ЗА УРОЛОГИЈА НА ВЕЛЕШКАТА БОЛНИЦАНабавен е инструмент уретротом, хируршки нож за ендоскопско отворање на уретрата, кој се користи за нејзини блокади и стеснување. (Фото: СДК.МК)

    Велешките членови на здружението „Мовембер“ набавија апарат за Одделението за урологија при Општата болница во Велес. Средствата беа собрани со продажба на маички со логото на здружението, но и со донации од велешки фирми, во текот на кампањата лани во ноември.

    „Средствата собрани во изминатата, јубилејна 10. година од нашата активност, ги наменивме за набавка на инструмент уретротом, хируршки нож за ендоскопско отворање на уретрата, кој се користи за нејзини блокади и стеснување. Со набавката на инструментот во болницата ќе бидат овозможени интервенции од овој тип“,  кажа Иван Сарагинов, член на движењето „Мовембер“.

    Движењето има хуманитарна димензија, односно секоја година преку продажба на тематски маици, шолји, беџови и други производи, се собираат средства кои подоцна се донираат на сограѓанин кој има потреба.

    „Мисија на здружението е да се зголеми свесноста за здравствените ризици со кои се соочува машката популација, како и значењето од редовните прегледи и контроли се со цел намалување од ризиците и превенција од појава на истите. Изразуваме огромна благодарност до сите добронамерни компании, институции и поединци кои низ годините ни помагале во остварувањето на нашата мисија. Тоа ни дава дополнителна волја за секоја година да ја пренесеме пораката се погласно и до поголем број мажи “, додава Сарагинов.

    „Мовембер Велес“ неформално е формирано во 2013 од група млади ентузијасти.

    Обидот на основачите на движењето и неговите членови и поддржувачи е да се пренесе пораката, пред сѐ кон младата машка популација, за важноста на грижата за т. н. машки болести.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира