Зградата на клон „Равигорче“, кој работи во состав на градинката „Вера Циривири-Трена“ во Штип, е со реконструиран кров кој целосно е покриен со фотоволтаични панели што е заеднички проект на Центарот на меѓународна соработка и развој на Словенија и Општина Штип. Ова е прва градинка во Штип која има фотоволтаични панели.
„Вкупната инвестиција е 200.000 денари од кои половината се грант преку амбасадата на Словенија во Македонија, а Општина Штип кофинансира со 50 проценти. Но, најголема придобивка со овој проект се подобрите еколошки услови за престој на 220 деца. Вакви екопроекти планираме и во останатите три клонови во состав на градинката ‘Вера Циривири- Трена’, вели директорката Ивана Ангеличкова.
Таа додава дека користа од проектот ја увиделе уште со првата сметка за струја, која е двојно помала од претходната. Месечно за струја градинката плаќала над 22.000 денари, а сега по ставањето во функција на сончевите панели сметката е 11.000 денари, што значи дека годишно градинката ќе заштедува по 130.000 денари.
Промоцијата на проектот за фотоволтаичните панели ја направи амбасадорот на Словенија во Македонија, Грегор Прескер кој рече дека овој проект е само еден од оваа екосфера, затоа што Словенија во Македонија од 2010 до 2024 инвестирала над 45 милиони евра главно во вакви екопроекти и проекти за чиста вода за пиење, пречистителни станици и слично.
Директорката на градинката која во четирите клонови згрижува 600 деца, рече дека има сериозен проблем со недостигот на кадар затоа што за неполни две години 20 воспитувачки заминале во пензија, а нема согласност за пополнување на нивните места. Со проектот општествено корисна работа финансиран од Општина Штип и Агенцијата за вработување се ангажирани четири нови воспитувачки.
Т. ЈОВАНОВСКИ