Холандскиот премиер на заминување Марк Руте ќе биде новиот генерален секретар на НАТО, откако неговиот единствен ривал се повлече од трката.
Руте и официјално треба да биде потврден во следните денови и да ја преземе функцијата од Јенс Столтенберг од 1 октомври.
Педесет и седумгодишниот Руте е голем поддржувач на Украина и зад неговата кандидатура веднаш застанаа САД, Велика Британија, Франција и Германија. Иако важи за голем критичар на Владимир Путин, тој се смета за поумерен од можните кандидати од централна и источна Европа, што го прави речиси едногласен избор.
„Политико“ денеска објави дека сите 32 членки на НАТО го поддржуваат Руте, откако по Унгарија и Словачка, и Романија кажа дека ќе застане зад него, по повлекувањето на романскиот претседател Клаус Јоханис од трката за оваа позиција.