Мандатарот за нова влада Христијан Мицкоски, во експозето во Собранието кое траеше 15 минути, побара поддршка од пратениците и кажа дека ситуацијата во многу области во државата е на работ на клиничка смрт, а тој има зацртано пеколно темпо на работа.
„Институциите се девастирани, некои се целосно уништени и за тоа ќе дознаете. Оваа генерација нема опции за пропуст. Не најавувам меден месец од 100 дена Влада, треба веднаш да се фатиме за работа“, кажа Мицкоски.
Тој рече дека веќе во вторник доаѓа нова инвестиција од 400 милиони евра. Кажа дека ќе ги намали даноците, ќе отпочне силна борба против корупцијата и за владеење на правото, ќе се чешла имотот на обвинители, судии, на функционерите, ќе биде зголемен буџетот во образованието, ќе се формира посебен фонд за врвна наука, а во центарот на вниманието ќе биде економијата.
Мицкоски рече дека оваа влада ќе обезбеди раст на БДП на 5 отсто годишно, нови работни места, ќе се доврши автопатот Кичево-Охрид. Во програмата е споменато и довршување на проектот за автопатот што ќе го гради „Бехтел и Енка“. Нови инфраструктурни проекти, не спомена.
Прв од опозицијата излезе на собраниската говорница Оливер Спасовски од СДСМ, кој не беше задоволен што од програмата на Мицкоски не се гледа, според него, кога и како Владата ќе ги заврши. Но, Спасовски и сопартијците постојано го потсетуваа и бараа одговор од Христијан Мицкоски зошто ги излажал граѓаните за Преспанскиот договор, за употребата на придавката „северна“ во името на државата, за сплотувањето со ДУИ уште недојден на власт, за лажењето дека ВМРО-ДПМНЕ ќе го укине Договорот со Бугарија и францускиот предлог.
„Дури и мандатот ако треба да ми го одземат, нема да ја користам придавката ‘северна’“, го потсетуваше Спасовски што ветуваше пред граѓаните Христијан Мицкоски.
Но Спасовски, кој како носител на Изборната единица број два (Куманово) освои само 2 пратеника, предизвика канонада од напади на раб на потсмев од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.
„Со такви катастрофални резултати, Спасовски, чесно е да си поднесете оставка од пратеничката функција. Еве имате уште една минута за реплика, направете го тоа од говорницава“, му кажа Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ од Куманово.
„Ако мислите дека оние кои ги изгубиле изборите треба да бидат надвор од Собранието, лош пристап ви е ова. Ова е исто како кога нè исфрлавте заедно со новинарите од салава на 24 декември 2012 година и кога сакавте да нè убиете на 27 април 2017 година само да биде власта само ваша“, му одговори Спасовски.
Дека бил најкатастрофален министер за внатрешни работи му кажа и сограѓанката Даниела Белимова, пратеничка од ЗНАМ, по што Спасовски во контрареплика ѝ возврати:
„Да ве потсетам, колешке Белимова, дека окапавте по управни одбори за време на поранешната лоша власт, како што велите, но и на тоа дека по 24 часа на ден досаѓавте на телефон за да се вработел вашиот син во ЕСМ“.
Во расправата во Собранието, пратениците од опозиционата СДСМ главно инсистираат владејачката ВМРО-ДПМНЕ да одговори дали ќе го врати името на државата како што ветуваше, дали ќе нема прв вицепремиер како што ветуваше и дали ќе ги укине балансерот како што ветуваше. Кажаа и дека нема разраотен план за промена на преговарачката рамка со ЕУ како што ветуваа во предизборната кампања, ниту пак задолжување од милијарда евра. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не одговараат на овие прашања туку инсистираат дека СДСМ доживеа историски пораз и е казнета од граѓаните за лошото владеење.
Дебатата се прекина во 18.15 часот, продолжува утре (23 јуни) во 11 часот, а на полноќ треба да се избере новата влада.
С. К. ДЕЛЕВСКА