Европската комисија побара од претседателот Ѓорге Иванов итно да почне со консултации и брзо да определи лидер за формирање влада, кој ќе може да состави што е можно поширока коалиција. Портпаролката на ЕК Маја Коцијанчич на денешната прес-конференција во Брисел рече дека земјата нема време за губење и таквата широка коалиција треба да се потпира на силен реформски консензус и меѓуетничка соработка.
„Земјата нема време за губење и во овој поглед очекуваме претседателот, според Уставот, да изврши итна отворена консултација со политичките сили во земјата и брзо да определи лидер за формирање на Влада, кој ќе може да најде заедничко тло за формирање на стабилна, солидна и одговорна коалиција. Таква коалиција треба да биде што е можно поширока и да се потпира на силен, инклузивен реформски консензус и меѓуетничка соработка. А, како што добро знаете, ние очекуваме од идната Влада и од сите политички сили во земјата да продолжат со имплементирање на договорот од Пржино и решавање на Итните реформски приоритети“, кажа Коцијанчич.