Во дворот на Аце Трпчески од тетовското село Сиричино има педесетина сантиметри натрупан град, кој ни денешното топло време не можеше да го стопи. На овошките во дворот може да се види само по некое листе, а градината му е сосем уништена. Ова се последиците од големото невреме проследено со пороен дожд и град кое вчера попладне зафати делови од Тетовскиот Регион, при што најмногу штета има причинето во селата Сиричино и Фалише како и во неколку реони во Тетово.
„Јас имам 76 години, но вакво невреме досега не сум видел. Од силината на дождот и градот кои паѓаа ни се сруши плафонот од собата каде седевме со сопругата и за малку спасивме жива глава“, вели Трпчески кој од куповите град во неговиот двор направи голема снежна топка.
Селото Сиричино претрпе најмногу штета во вчерашното невреме. Водата помешана со кал, камења и град, како буица дошла од падините на планината Жеден и со голема силина навлегла во дворовите на повеќе куќи, а најпогодено е маалото на влезот во селото. Огромните количини кал и град кои навлегле во производствените простории на семејството Цветковски денес се вадеа со булдожер.
„Штетите се огромни, водата навлезе во нашиот погон во кој имавме машини за производство на мебел. Уништени се сите машини, репроматеријали и готови производи кои беа тука. Според наша проценка штетата е меѓу 30 и 40.000 евра“, кажува Блаже Цветковски од Сиричино.
Освен што водата навлегла во куќите, жителите на Сиричино велат дека невремето им ги уништило и залихите од пченка и пченица, а имало направено и штета и кај живината. Денеска на терен излезе и градоначалникот на Општина Јегуновце Димитар Костадиновски, кој рече дека веќе е формирана комисија за проценка на штетата која ќе ги посети сите 70-80 домаќинства во општината кои пријавиле штета од невремето.
Во село Фалише невремето најголеми штети има направено на земјоделието, а како што велат земјоделците од овој крај, сè она што било посеано на нивите е речиси 100 проценти уништено.
„Јас обработувам 105 декари земја која сум ја зел под наем и сѐ ми е уништено. Доматите, пиперот, зелката, празот, тиквите, компирите, ништо не остана, сè е уништено. Сега веќе е доцна наново да се засади, па не знам како ќе преживееме годинава. Затоа, барам dржавата да ни помогне колку што може инаку лошо ни се пишува“, загрижено зборува Орхан Фејзулаху.
И Тетово денес ги санира последиците од вчерашното невреме. Водата навлезе во подрумите и гаражите на голем број тетовци. Тие се жалат дека ова се случува редовно кога има обилни дождови, а Општината досега ништо не презема за да се реши овој проблем. Дури и штетите предизвикани од поплавата пред неколку години сè уште не се исплатени.
„За жал, оваа слика се повторува скоро секоја година никако да го решат проблемот. Овде во нашава улица завршува атмосферската канализација и кога по вакви обилни дождови ќе се наполни, таа се излива и ни ги поплавува куќите. Штетите кои ни ги направи ова невреме и овојпат се големи. Пред 2 години истото се случи, тогаш имаше и една повредена жена која едвај ја спасивме. Ја пријавивме штетата во Општината, им доставивме и фотографии. Тоа беше пријавена на 1.6.2022 и до денес сè уште немаме ништо добиено од Општина Тетово, ниту пак некој дојде да ни каже до каде е со обесштетувањето“, вели Нешко Милошевски, жител на улицата Предраг Јанчески во Тетово која редовно претрпува штети при поплавите.
Од подрачната единица на Министерството за земјоделие рекоа дека на терен увиделе огромни штети.
„Ние како регионална единица на Министерството за земјоделство бевме на терен бевме на терен, видовме дека има огромни штети, и чекаме за понатамошната акција на Владата. Како прво, знаеме дека Општините не ги покриваат штетите туку Владата и затоа треба да чекаме владина одлука за да делуваме понатаму“, изјави Африм Сејрани.
Од Општина Тетово засега пуштија само соопштение во кое, меѓу другото, се вели дека вчера имало интервенции на 43 објекти на некои критични точки каде имало големи акумулации на вода, со кои градската канализација не можела да се справи и покрај тоа што канализацијата била исчистена, а пожарникарите интервенирале во Општина Јегуновце во куќа во која 6 лица (4 постари и двајца млади) останаа заробени поради количеството вода што им влегло во куќата.
З. АНДОНОВ