Основачот на Викиликс Џулијан Асанж излезе како слободен човек од судот на пацифичкиот остров Саипан откако се изјасни како виновен за кршење на американскиот закон за шпионажа, по што му беше дозволено веднаш да замине за родната Австралија. Со ова се затвори 14-годишната правна сага во текот на која Асанж помина пет години во затвор во Лондон и седум години во еквадорската амбасада во Велика Британија, борејќи се против екстрадиција во САД, каде што беше баран за 18 кривични дела поврзани со објавување стотици илјади доверливи воени и дипломатски документи.
За време на тричасовното сослушување, Асанж ја призна вината за заговор за добивање и објавување доверливи документи за американската национална одбрана, но кажа дека верувал дека Првиот амандман поврзан со слободата на говорот ги штити неговите активности.
„Работејќи како новинар, јас го охрабрував мојот извор да ми обезбедува доверливи документи, со цел да бидат објавени. Верував дека Првиот амандман ја штити таа активност, но прифаќам дека тоа беше кршење на законот за шпионажа“, кажа Асанж.
Окружната судијка Рамона Манглона го прифати неговото признание и го пушти на слобода поради времето што веќе го отслужи во затворот во Британија.
„Ние цврсто веруваме дека Џулијан Асанж никогаш не требало да биде обвинет според законот за шпионажа. Работата на Викиликс ќе продолжи“, изјави неговиот адвокат Бери Полак.
Асанж излезе од судот без да одговара на прашања, по што го напушти Саипан со приватен авион и одлета за Канбера, каде што треба да пристигне ова претпладне.
Како дел од договорот со американското министерство за правда, на Асанж му е забрането да оди во САД без дозвола, додека неговата сопруга Стела кажа дека ќе бараат помилување за него.