ЈВП „Лисиче“, кое е концесионер на водата од вештачката акумулација Младост, ги чека резултатите од анализата на квалитетот на водата, по што ќе преземе конкретни активности.
Ова доаѓа откако на водената површина повеќе од еден месец плива материја. За неа д-р Снежана Петрова од Центарот за јавно здравје Велес рече дека е органска, од цветот на алгите и трските, не е штетна, но треба човечки фактор да ја острани оти е грда слика. Од ЈВП „Лисиче“ кажаа дека ја следат состојбата со квалитетот на водата и постапуваат во согласност со обврските од Дозволата за користење вода за наводнување.
„Според динамиката за анализи на вода, дефинирана во мониторинг-програмата за акумулацијата Младост, се врши анализа во сопствените интерни лаборатории и резултатите се доставуваат до надлежното Министерство за животна средина и просторно планирање. Во врска со формираната наслага, која е евидентна и присутна во крајбрежниот, но и во средишниот дел на површината на акумулацијата, преземени се и дополнителни активности за утврдување на нејзиниот квалитативен и квантитативен состав. Испратени се примероци за биолошка, фито и зоопланктонска анализа во овластена научна установа, Хидробиолошки завод во Охрид. Резултатите од анализите ќе покажат за каква материја се работи, кој е изворот и каде треба да се бара причината за настанатата состојба“, одговорија од ЈВП „Лисиче“.
Поради оваа материја, на плажите преку ден нема посетители и капачи.
П. ПЕЧКОВ