Соработниците на Џо Бајден се обидуваат да ги ублажат последиците од неговиот лош и несигурен настап во првата телевизиска дебата со Доналд Трамп пред изборите во ноември, додека се засилуваат повиците за негово повлекување од претседателската трка. Настапот на Бајден предизвика паника во редовите на демократите, откако тој на моменти делуваше збунето и се мачеше со зборови, особено во првиот дел од дебатата.
На шест месеци до изборите, сценариото некој да го замени Бајден изгледа малку веројатно. Дури и доколку тој самиот се повлече пред демократската национална конвенција во август, изборот на негова замена би бил долг и несигурен.
Во сите 50 сојузни држави веќе се одржаа демократските предизбори и Бајден во сите ги освои гласовите на речиси сите делегати.
И додека кампањата на Бајден се надеваше дека дебатата ќе ги отстрани грижите дека 81-годишниот претседател е стар за уште еден мандат, републиканците велат дека тој доживеал нокаут.
Потпретседателката Камала Харис се согласи дека Бајден имал бавен старт, но силен финиш и смета дека неговите досегашни постигнувања надминуваат еден 90-минутен настан. Гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, кого многумина го сметаат за прва алтернатива на Демократите, ги отфрли повиците дека Бајден треба да биде заменет.
„Никогаш не би му свртел грб на Бајден“, порача Њусом.
Не постои формален механизам за промена на кандидатот за претседател и такво нешто не се случило во модерните времиња. Единствената ефективна опција е Бајден да се согласи самиот да се повлече.