Откако потврди дека договор за коалицирање со ДУИ не е постигнат, ВМРО-ДПМНЕ објави дека е за одржување на нови предвремени парламентарни избори, како единствен начин за излегување од политичката криза. За да го постигне тоа, на партијата на Никола Груевски и требаат два услова: собраниска седница за распуштање на Собранието и обезбедено мнозинство за распуштање.
Уставот во членот 66 вели: “Собранието е во постојано заседание. Собранието работи на седници. Седниците на Собранието ги свикува претседателот на Собранието“.
Тоа значи, не може никој друг да свика седница за распуштање освен собранискиот спикер.
Но, Собранието од неговото конституирање на 30 декември минатата година не профункционира. Нема претседател на Собранието, негови потпретседатели, нема ни работни тела на Собранието. Поранешниот претседател Трајко Вељаноски беше само претседавач на првата седница која уште не е завршена.
Првата, конститутивна седница, застана кај точката за избор на претседател на Собранието. Тоа значи дека нема кој да свика евентуална седница за распуштање. За евентуално распуштање, ќе мора првин да се оди на седница за избор на претседател, објаснуваат собраниските стручњаци, повикувајќи се на одредбите во Уставот. Потоа, тој претседател ќе може да распише нови избори.
Засега нема најави дека пратеничките групи сами ќе го комплетираат Собранието, иако во парламентарна демократија никој не ги спречува во тоа.