По написите дека осудената Катица Јанева е вратена во затворот „Идризово“ бидејќи Управата за извршување на санкциите спровела контрола и не ја нашле на работа, директорот на затворот Зоран Јовановски вели дека сè уште Управата не испратила известување за тоа.
„За осуденото лице за кое прашувате, сè уште немаме добиено некакво известување од Управата за извршување на санкциите. Кај нас овде се води дека денеска таа е ‘на фирма’, односно на работа и уште не е вратена“, одговори за САКАМДАКАЖАМ.МК директорот на КПУ Идризово Зоран Јовановски.
Јанева на затворската управа и на Управата за извршување на санкции им има пријавено дека секој ден работи во адвокатската канцеларија на нејзиниот син. По истекот на работното време, таа се враќа во затворот.
Во случајот „Рекет“ таа е осудена на 7 години затвор за злоупотреба на службената положба и овластувањата, како Специјална обвинителка на Македонија. Со неа беше осуден и Бојан Јовановски, на 9 години затвор, но тој е пуштен од затвор на домашно лекување.
С. К. ДЕЛЕВСКА