Нема оштетувања на металната конструкција на скопската Универзална сала, покажа експертизата која ја правеше приватниот Институт за сеизмички отпорни градби и климатски промени на Михаил Гаревски. Приватниот институт на Гаревски е избран од фирмата изведувач „Универзал-Балкан“ за да ги изврши испитувањата дали челичната конструкција е оштетена од пожарот кој се случи на 9 април.
Иако конструкцијата не е оштетена, сепак, како што вели Гаревски, заедно со изведувачот на градежните работи договорено е да се заменат елементите кои се набабрени и да се направи зајакнување на прстенот.
„Земени се примероци од елементи кои гореле и се набабрени и од делови од металната конструкција кои не се. Испитувањата покажаа дека карактеристиките на опожарените делови се исти како и на неопожарените. Но сепак, договоривме да се заменат тие 6 набабрени елементи и да ја зајакне прстенот“, вели Гаревски.
Како што вели Гаревски, испитувањата се правени детално односно со 30-метарски кран направена е детална визуелна инспекција до највисоката точка на куполата.
Кога ќе се продолжат градежните работи на Универзална сала не се знае. Министерот за култура Зоран Љутков минатата недела кажа дека нарачал да се направи комплетна ревизија на постапката за реконструкција на салата. Додека заврши ревизијата, Министерството нема да одобри никакви активности на салата, што значи дека и понатаму ќе стои соголена и изгорена од пожарот.
Универзална сала се запали на 9 април, само еден месец откако по пауза од две години продолжија градежните работи за реконструкција. Веднаш по пожарот, од градежната фирма „Универзал-Балкан“ рекоа дека најверојатно се запалил стар кабел или некоја стара инсталација.
А. АНТЕВСКА