ПОТРАГАТА ПО ВОНЗЕМЈАНИ ПРОДОЛЖУВА СО НЕВЕРОЈАТНА НОВА ТЕХНОЛОГИЈА

    ПОТРАГАТА ПО ВОНЗЕМЈАНИ ПРОДОЛЖУВА СО НЕВЕРОЈАТНА НОВА ТЕХНОЛОГИЈАОпсерваторијата „Вера Рубин“, која ќе биде најголемата камера во светот, се гради во Чиле. (Фото: АУРА)

    Конференција во Велика Британија неделава ќе ги претстави новините во проектот за барање „технопотписи“ на други напредни видови. Повеќе од 60 години, истражувачите се обидуваа да најдат единствен убедлив доказ за да ја поддржат идејата дека го делиме универзумот со други интелигентни суштества. И покрај овие децении напор, тие не успеаја да остварат никаков контакт, што е еден од најконзистентните негативни резултати во историјата на науката.

    Но, ловот на вонземски цивилизации можеби влегува во нова ера, веруваат истражувачите. Научниците со „Брејктру лисен“, најголемата програма за научно истражување во светот посветена на пронаоѓање вонземски цивилизации, велат дека мноштво технолошки достигнувања ќе ја трансформираат потрагата по интелигентен живот во космосот. Овие иновации ќе бидат наведени на годишната конференција на групата, која оваа недела за првпат ќе се одржи во Велика Британија, во Оксфорд,  Се очекува да присуствуваат неколку стотици научници, од астрономи до зоолози.

    Астрономот Стив Крофт, проект-научник со „Брејктру лисен“, рече: „Постојат неверојатни технологии кои се во развој, како што е изградбата на огромни нови телескопи во Чиле, Африка и Австралија, како и развојот на вештачката интелигенција. Тие ќе го трансформираат начинот на кој бараме вонземски цивилизации“.

    Меѓу овие нови инструменти се и Квадратната километарска низа, составена од стотици радиотелескопи кои сега се градат во Јужна Африка и Австралија, и опсерваторијата „Вера Рубин“, која се гради во Чиле. Првиот ќе стане најмоќниот радиоастрономски објект во светот, додека вториот, најголемата камера во светот, ќе може да го снима целото видливо небо на секои три или четири ноќи и се очекува да помогне во откривањето на милиони нови галаксии и ѕвезди.

    Двата објекти треба да започнат со набљудување во следните неколку години и двата ќе даваат податоци за „Брејктру лисен“. Користењето на вештачката интелигенција за анализа на овие огромни струи на информации за суптилни обрасци што ќе откријат докази за интелигентен живот ќе даде дополнителна моќ во потрагата по вонземски цивилизации, додаде Крофт.

    „Досега бевме ограничени да бараме сигнали намерно испратени од вонземјани за да го објават нивното постоење. Новите техники ќе бидат толку чувствителни што, за првпат, ќе можеме да детектираме ненамерни преноси наспроти намерните и ќе можеме да забележиме вонземски аеродромски радар или моќни ТВ предаватели – такво нешто“, вели тој.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира