Англискиот селектор Герет Саутгејт поднесе оставка два дена по поразот од Шпанија во финалето на Европското првенство во фудбал.
Англија загуби со 2:1 во Берлин во неделата, што беше нејзин втор пораз во низа во финале на ЕП, откако пред три години загуби од Италија на пенали.
53-годишниот Саутгејт беше селектор на Англија осум години, а неговиот договор требаше да истече подоцна годинава.
„Како горд Англичанецот, беше голема чест да играм за Англија и да бидам селектор. Тоа ми значи сè на мене и јас дадов сè од себе. Но, дојде време за промена и за ново поглавје“, кажа Саутгејт.
Шефот на англиската Фудбалска асоцијација Марк Булингем рече дека процесот за назначување нов селектор е почнат и ако има потреба ќе биде именуван в.д. селектор.