АМЕРИКАНКА ОСЛОБОДЕНА ПО 43 ГОДИНИ ВО ЗАТВОР ЗА УБИСТВО ШТО НЕ ГО ИЗВРШИЛА

    АМЕРИКАНКА ОСЛОБОДЕНА ПО 43 ГОДИНИ ВО ЗАТВОР ЗА УБИСТВО ШТО НЕ ГО ИЗВРШИЛАСандра Хеме излезе од затвор во петокот и сега е со сестра ѝ. (Фото: Проект невиност)

    Жена која отслужи 43 години затвор за убиство што не го извршила беше ослободена откако беше поништена пресудата. Сандра Хеме имаше 20 години кога беше осудена за убиство со нож на библиотекарката Патриша Џешке од Сент Џозеф, Мисури, во ноември 1980 година. Таа беше осудена на доживотен затвор.

    Освен признанието дадено под дејство на тешки седативи во психијатриска клиника, немаше други докази кои што ја поврзуваа со убиството. Сега таа има 64 години и најверојатно станува збор за најдолга затворска казна за погрешно осудена жена во американската историја.

    Нејзиниот правен тим од „Проект невиност“ кажа дека Хеме конечно е заедно со нејзиното семејство и дека ќе продолжи да се бори за да го исчисти нејзиното име.

    Надлежниот суд во новата пресуда вели дека адвокатите на Хеме имаат јасни докази за нејзината невиност, вклучувајќи докази кои не биле дадени на нејзината одбрана на првичното судење.

    Се вели дека локалната полиција ги игнорирала доказите кои директно укажувале на еден тогашен полицаец, коој потоа отишол во затвор за друго дело и починал во 2015 година. Возилото на полицаецот било видено во областа на денот на убиството, неговото алиби не можело да биде потврдено и ја користел кредитната картичка на убиената со тврдење дека ја нашол во ендек.

    Ништо од ова не било откриено на одбраната на Хеме за време на судењето, се вели во новата пресуда.

    Таа тогаш била испитувана од полицијата неколку пати под влијание на антипсихотични лекови и силни седативи откако спроти нејзината волја била примена во психијатриска болница.

    Според судските документи, нејзините одговори биле куси и не била целосно свесна што се случува. Понатаму, судот вели дека нема ниту еден форензички доказ што ја поврзува Хеме со убиството. Немала ниту мотив, ниту сведоци дека таа е убиецот.

    Сандра Хеме излезе од затвор во петокот и сега е со сестра ѝ.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира