ДЕМОКРАТИТЕ НАГОЛЕМО Ѝ ДАВААТ ПОДДРШКА НА КАМАЛА ХАРИС ПО ПОВЛЕКУВАЊЕТО НА БАЈДЕН ОД ИЗБОРИТЕ

    ДЕМОКРАТИТЕ НАГОЛЕМО Ѝ ДАВААТ ПОДДРШКА НА КАМАЛА ХАРИС ПО ПОВЛЕКУВАЊЕТО НА БАЈДЕН ОД ИЗБОРИТЕХарис веднаш почнала да се подготвува за претседателска кампања по објавата на Бајден (Фото: АП)

    Белата куќа кажа дека Џо Бајден ќе го одработи својот претседателски мандат до јануари 2025, иако Доналд Трамп и други водечки републиканци го повикаа веднаш да поднесе оставка, прогласувајќи го за неспособен.

    По неколку недели силни притисоци дури и од сопартијците, кои почнаа по лошата дебата со Трамп, Бајден синоќа објави дека ја прекинува кампањата и нема да ја прифати номинацијата да биде кандидат на Демократската партија на изборите во ноември. Засега не е познато кој ќе го замени, но тој веднаш ѝ даде полна поддршка на потпретседателката Камала Харис, зад која застануваат сѐ повеќе видни демократи, меѓу кои се и гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом и министерот за транспорт Пит Бутиџиџ.

    Иако го опиша Бајден како „најлошиот претседател во историјата на САД“, Трамп кажа дека ќе му биде уште полесно да ја победи Харис на изборите.

    Ова не е готово. Можно е Бајден утре да се разбуди и да заборави дека се откажал од трката“, напиша Трамп вчера на својата социјална мрежа.

    Последниот актуелен претседател кој ја прекинал својата кампања за реизбор беше Линдон Џонсон во 1968 година. Демократската национална конвенција треба да почне на 19 август и ако партијата не даде целосна поддршка за еден кандидат, таа ќе биде од отворен тип и ќе може да се гласа за повеќе кандидати.

    Бајден ја известил 59-годишната Харис за својата одлука непосредно пред да ја соопшти јавно и таа веднаш почнала да се подготвува за претседателска кампања, вклучувајќи добивање поддршка од оние кои би можеле да ја предизвикаат, велат извори на „Ројтерс“.

    Мојата цел е да ја заслужам и освојам оваа номинација. Ќе сторам сѐ што е во мојата моќ да ја обединам Демократската партија и да ја обединам нацијата за да го поразам Доналд Трамп“, кажа Харис.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира