Европската Унија ѝ го одзеде правото на Унгарија да биде домаќин на следниот состанок на министрите за надворешни работи и одбрана поради нејзините ставови за војната во Украина. Унгарија на 1 јули го презеде шестмесечното претседавање со ЕУ, со што по автоматизам требаше да биде домаќин на оваа средба, но Брисел му се налути на Виктор Орбан за патувањето во Русија и за разговорите со Владимир Путин.
Еврокомесарот за надворешни прашања Жозеп Борел кажа дека активностите на Унгарија треба да имаат последици и дека Брисел мора да испрати сигнал, макар и симболичен. Унгарија го опиша потегот како целосно детинест.
Следниот состанок на министрите за надворешни работи и одбрана на ЕУ ќе се одржи од 28 до 30 август, но место Будимпешта, локацијата ќе биде Брисел, рече Борел.
По критиките за средбата со Путин, Орбан ја обвини ЕУ дека води провоена политика.
„Сите членки на ЕУ освен една се многу критични за однесувањето на Путин. Затоа мислам дека е соодветно следниот состанок на министрите за надворешни работи и одбрана да се одржи во Брисел“, изјави Борел.
Орбан ја посети Русија во рамките на неговата таканаречена мировна мисија, чии станици беа и Киев и Пекинг, а по самитот на НАТО во Вашингтон, се сретна и со Доналд Трамп во Флорида.