Македонија годинава ќе нема кандидат за Оскар за категоријата најдобар странски филм, соопшти Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ).
„Едноставно затоа што нема филм кој ги исполнува прилично едноставните услови пропишани од Американската Академија за подвижни слики, уметност и наука“, велат од ДФРМ.
Друштвото го објави повикот за пријавување на 12 јули, а рокот завршува на 12 август.
Според правилата на Американската филмска академија за категоријата најдобар странски филм, „Филмот избран од земјата мора прво да игра во земјата на потекло не порано од 1 ноември 2023, а најдоцна до 30 септември 2024 и прво јавно да биде прикажан најмалку седум последователни денови во комерцијално кино за профит на продуцентот и киноприкажувачот“.
Технички, може да се квалификува само „Патување пеш“ (The Walk), вториот документарен филм на режисерката Тамара Котевска, кој лани на 9 ноември имаше светска премиера на Њујоршкиот фестивал на документарци, но уште нема ни фестивалска ни кинопремиера во земјава. Главен продуцент на филмот е британската филмска компанија „Греин медиа“, македонски копродуцент е „ОХО продукција“, а филмот е поддржан и од македонската Агенција за филм. Претходниот документарец на Котевска и Љубо Стефанов „Медена земја“ освои историски две номинации за Оскар во 2020.
Единствениот долгометражен игран проект кој доби поддршка на Конкурсот во прв рок за 2023 на Агенцијата за филм беше „Мајка – Можната приказна за мајка Тереза“ на Теона Митевска со 600.000 евра. На Конкурсот поддршка добија и 8 копродукции со македонско малцинско учество, со вкупно околу 400.000 евра. На конкурсите во 2022, беа поддржани филмот „Белиот“ на Игор Иванов-Изи, претседател на ДФРМ, со над 715.400 евра и уште тројца дебитанти.
Лани кинопремиера имаа само „М“ на Вардан Тозија, во октомври, и независниот „Те дуа, жими мене“ на Марјан Гавриловски, на крајот на септември. „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветановски лани имаше фестивалска премиера, а кинопремиерата се најавува за есенва.
Лани, во декември, се сними само „Диџеј Ахмет“, дебито на Георги М. Унковски, а годинава филмови снимаа Дина Дума, Косара Митиќ, Андреј Волкашин и Срѓан Јаниќијевиќ, сите поддржани на конкурсите на Агенцијата за филм во претходните години пред 2022.
Македонски кандидат за Оскар за 2023 беше „Домаќинство за почетници“ на Горан Столевски.
Деведест и седмото доделување на Оскарите е најавено за 3 март 2025 во Лос Анџелес.