Ако се спојат Центарот за управување со кризи (ЦУК) и Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), би се добила една функционална институција, но и специјална единица за заштита и спасување со 120 луѓе за почеток, рече денеска директорот на ЦУК Стојанче Ангелов, по седницата на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи, со која раководеше министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
„Новата единица би била мултифункционала, летно време ќе гасне пожари, а истовремено може да спасува и луѓе ако се заглавени на вода, планина, да вади луѓе од урнатини во случај на земјотрес. Неопходна е длабока реформа на системот за управување со кризи. Целиот систем е нефункционален. Уште пред изборите разговаравме на оваа тема со претходната Влада, кај која имаше интерес за овој проблем. Она што можам сега да го видам кај министрите, членови на Управувачкит комитет, кај нив постои цврста волја час поскоро системот да биде трансформиран во многу пофункционален кој со истите ресурси што ги имаме сега, ќе може да гасне повеќе пожари, побрзо и поефикасно. Новиот систем во првата фаза ќе биде поевтин од посточкиот“, кажа Ангелов.
Според Ангелов, во ЦУК и ДЗС моментно има превработеност на одредени позиции, а нема луѓе таму каде што се потребни.
„Тука ми беа прилично врзани рацете зашто затекнав таква состојба, во делот на вработувањата имав многу мала можност да извршам корекции. Во ЦУК сега има околу 300 вработени, а во ДЗС повеќе од 300, што е преку 600 луѓе. Сметам дека со помалку луѓе би добиле нова, функционална институција и плус специјална единица за заштита и спасување во јачина од една армиска чета, со 120 луѓе за почеток, која би била мултифункционална. Таквата единица би дала сосема нова димензија зашто детектираните слабости не може поинаку да се отсранат“, кажа Ангелов на прес-конференција.
Директорот на ЦУК кажа дека до утринава активни седум пожари, ангажирани се сите ресурси и засега нема потреба од странска помош.
Негова оценка е дека земјава има добри територијални противпожарни единици (ТППЕ), но тие не се недоволни за ваков обем и динамика на пожари.
„Кај граѓаните постои погрешна перцепција дека ЦУК командува со сите сили на терен, но локален командир за пожарите е командирот на ТППЕ, а ако пожарот е во шума, тогаш и лице од Национални шуми. Пожарникарите од градски средини се тренирани за пожари во урбани средини и тие не смеат да го остават градот незаштитен“, додаде тој.
Ангелов кажа дека активни се седум пожари, но и дека засега ресурсите за гаснење се доволни и не е потребна помош од странство. Во моментов најсериозен е пожарот кај Ловиштето „Јасен“.
Б. НЕСТОРОСКА