Патот до селото Луковица во Општина Желино во должина од 5,4 километри се гради две години и сè уште не е завршен. Досега се асфалтирани само 3,7 километри, а потрошени се 36 милиони денари или пола милион евра. За преостанатите 1.750 метри пат од Општина Желино велат дека нема пари да се заврши асфалтирањето.
Од Владата до Општина Желино во 2022 и 2023 се дадени 35 милиони денари, а речиси милион денари дала и Општината за да се асфалтираат овие 5,5 километри. Но, парите се потрошени, а до селото останаа неасфалтирани 1.750 метри од патот. Од селото Луковица мислат дека овде се работи за узурпација на владините средства и обвинуваат дека Општината склучувала договори со фирми за асфалтирање на патот кои давале енормно високи цени.
„За првите два километра од патот платени се 37 евра за квадратен метар, додека за втората фаза, односно за 1.750 метри од патот се платени дури 53 евра за квадратен метар. Ако се земе предвид дека пазарната цена за еден квадратен метар пат со тампонирање и со два слоја асфалт чини најмногу 25 евра, тогаш се доаѓа до податокот дека патот за Луковица е најскап пат во државата. Кога отидовме кај градоначалникот на Општина Желино, Блерим Сејдиу, да се распрашаме кога ќе бидат завршени преостанатите 1.750 метри од патот, ни рече дека парите се потрошени и ако добие нови средства од државата, ќе го заврши патот. На крај ни кажа ако не сме задоволни, можеме да поднесеме тужба“, вели Миле Србиновски, претседател на Месната заедница на село Луковица.
Поради ова, од Месната заедница на село Луковица испратиле барање до Владата, Министерството за транспорт и врски и до Министерството за локална самоуправа да спроведат ревизија на проектот и да утврдат дали има неправилности и злоупотреба на наменски доделените средства. Исто така, тие најавуваат дека ќе упатат претставка до Антикорупциската комисија и до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал, бидејќи се сомневаат дека Општина Желино ги злоупотребила доделените средства од државата за изградбата на овој пат и склучувала нереални договори со изведувачите.
Од Општина Желино се огласија со пишано соопштение, во кое, меѓу другото, се вели дека совесно работеле со изградбата на патот, а цената била висока бидејќи се асфалтирало во планинско место.
„Со овој проект е аплицирано до Владата и две години по ред имаме добиено средства и истите се искористени според позитивните законски прописи и според проектната документација изработена од овластена проектантска куќа. Поголемиот дел од овој проект е квалитетно и навремено реализиран, согласно проектната документација и буџетот за овој проект. Останатиот дел што не е реализиран е затоа што немаше доволно средства и се надеваме дека ќе се реализира во најкус можен рок. Општина Желино токму за овој проект има избрано понудувач со најниска цена. Се работи за проект кој се спроведува на планинско подрачје, каде што пристапот на механизацијата и условите за работа се потешки, што сигурно влијае и на понудите на економските оператори“, се вели во соопштението на Општина Желино.
Илинден е селска слава во Луковица, но и овојпат, како и децении наназад, бројните посетители кои доаѓаат од целата држава не ќе можат во целост да дојдат до селото по асфалтиран пат.
З. АНДОНОВ