Танчари од островот Тахити облечени во здолништа од палмини лисја се измешаа со олимпијците, локалците и туристите додека церемонијата на отворањето на Олимписките игри се одржуваше и во Француска Полинезија, околу 16.000 километри подалеку од главните настани во Париз.
„Сите сме маѓепсани што ги имаме Олимписките игри овдека. Ова е прилика која се добива еднаш во животот и целиот свет ќе гледа во нас поради нашиот моќен бран“, изјави претседателот на Француска Полинезија, Моетаи Брадерсон.
На Тахити ќе се одржуваат олимписките натпревари во сурфање и тоа на светски познатите бранови покрај селото Таехупо, што ќе понуди една од највпечатливите и најуникатни глетки на овие ОИ. Со изборот на Тахити се остварува ветувањето на организаторите дека Игрите ќе се одржуваат на целата француска територија.
Тахити станал француска колонија во 1880 и сега се води како автономна прекуморска територија на Франција. Оддалечен со 21-часовен авионски лет од Париз, Тахити сега стана најдалечното олимписко борилиште од градот-домаќин.
Таехупо е добро познато во сурферската заедница и одамна е дел од меѓународните натпреварувања. Олимписките натпревари почнуваат денеска и ќе траат четири дена, но ќе зависат од брановите.
Сурфањето дебитираше во олимписката програма на претходните Игри во Токио.