Премиерот Христијан Мицкоски денеска присуствуваше на вежба во касарната во Штип, заедно со американската амбасадорка Анџела Агелер. На вежбата беа презентирани лесните оклопни возила ЈЛТВ, кои што се дел од голема набавка на воена опрема од САД.
Мицкоски и се заблагодари на амбасадорката за поддршката која што ја дава, како што кажа тој, нашиот стратешки партнер САД во процесот на модернизација на нашата армија.
Премиерот додаде дека во периодот кој што следи партнерството со САД продолжува во делот на соработката меѓу двете aрмии.
„Ќе го надградиме, не само во Министерството за одбрана, ќе се обидеме тоа да го пресликаме и во другите министерства како што е МВР, онаму каде што е потребна современа опрема за да можеме да одговориме на предизвиците на новото време, и тие предизвици не мора да се само воени“, кажа Мицкоски.
Амбасадорката Агелер им честиташе на Министерството за одбрана и на Армијата за новата опрема и рече дека овие возила се сведоштво за посветеноста на Северна Македонија да ја модернизира својата армија и да ги исполни целите на НАТО.
Станува збор за повеќегодишна набавка на вкупно 88 оклопни возила од ваков тип, која што ќе се реализира во следните години. Досега се пристигнати 30-тина возила.
Дополнително, Министерството за одбрана има склучено договор со САД вреден 210 милиони долари за набавка на 54 лесни оклопни возила Страјкер, кои што, исто така, ќе пристигнуваат етапно во наредните години.
Т. ЈОВАНОВСКИ