Јавниот обвинител на Венецуела, Тарек Вилијам Саб, покрена истрага за наводен хакерски напад врз Националниот изборен совет извршен од Македонија за време на неделните претседателски избори, во што била вмешана и опозициската лидерка Марија Корина Мачадо. На Мачадо ѝ беше забрането да се кандидира на изборите, па опозицијата се обедини околу Едуардо Гонсалес.
Советот, кој е лојален на владејачката Социјалистичка партија, вчера го прогласи Николас Мадуро за победник на изборите, додека опозицијата тврди дека Гонсалес убедливо победил и има докази за тоа.
Саб кажа дека во хакерскиот напад можеби се вклучени уште двајца видни опозиционери, Лестер Толедо и Леополдо Лопес. Без да изнесе докази, Саб тврди дека „имало агресија врз електричниот систем и компјутерски напад врз системот за пренос на податоци во Националниот изборен совет“.
Саб кажа дека нападот бил изведен од Северна Македонија.
„Тоа било направено со намера да се манипулира со податоците што пристигнуваат во Националниот изборен совет, поради што првата објава за победата на Мадуро излезе подоцна од планираното“, изјави Саб.
Тој кажа дека бројките што ги покажа опозицијата се измислени.
„Имаме докази кои покажуваат дека Едуардо Гонсалес победил со повеќе од 70% освоени гласови. Венецуела избра нов претседател и тој се вика Едуардо Гонсалес Урутија. Тоа е вистината“, изјави Мачадо.