ГИ ИСПИТУВАМЕ СИТЕ РЕАГЕНСИ КОИ БЕА ВО КОМОРАТА ЗА ДА ВИДИМЕ ДАЛИ ИМА ОШТЕТУВАЊА ОТКАКО БИЛА ИСКЛУЧЕНА, ВЕЛИ ДИРЕКТОРКАТА НА ИНСТИТУОТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ АНДОНОВСКА

    ГИ ИСПИТУВАМЕ СИТЕ РЕАГЕНСИ КОИ БЕА ВО КОМОРАТА ЗА ДА ВИДИМЕ ДАЛИ ИМА ОШТЕТУВАЊА ОТКАКО БИЛА ИСКЛУЧЕНА, ВЕЛИ ДИРЕКТОРКАТА НА ИНСТИТУОТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ АНДОНОВСКАДиректорката рече дека се работи за голема количина реагенси, меѓу кои и за голема кашлица, и дека во текот на денот ќе има официјален стручен извештај дали има оштеувања или на време ги вклучиле фрижидерите.  (Фото: К. Попов)

    Денес се испитуваат еден по еден реагенси кои беа во комората на Одделот за бактериологија, за да знаеме дали има оштетувања или сме реагирале на време, рече в. д. директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) Марија Андоновска. Министерството за внатрешни работи (МВР) претходно соопшти дека вчера (31.07.2024) околу 17 часот, во СВР Скопје било пријавено од Институтот за јавно здравје дека во временскиот период од 14:30 до 16 часот од страна на вработен биле исклучени сите склопки на коморите каде се чувале реагенсите за испитување на заразни и незаразни болести. Полициски службеници од СВР Скопје излегоа на местото на настанот и се преземаат мерки за расчистување на случајот, а Јавното обвинителство соопшти дека итно оформи предмет по допрен глас за да испита дали во конкретниот случај има обележја на кривично дело.

    „Кај нас постои сомнеж за евентуална диверзија во институцијата. Дали е тоа така, оставаме на институциите на системот.  Вчера, додека бев уште во канцеларија со моите соработници, бев известена од дел од вработените, дека не функционираат дел од фрижиерите кои се наоѓаат на еден од спратовите на Одделот на микорбиологија, поточно на бактериологија. Се работи за еден фрижидер и една комора во посебна соба. Во оваа комора се чуваат доста значајни реагенси со кои би детектирале разни заболувања. Констатиравме дека фрижидерите се исклучени директно од бушоните во разводните табли во тој ходник каде поминуваат сите кои тука работат. Претпоставка е дека се отворени разводните табли, оставаме да се испита дали е случајно или намерно, но ние мора да алармираме“, кажа Андоновска, додавајќи дека е 5 дена на оваа функција.

    Директорката рече дека се работи за голема количина реагенси, меѓу кои и за голема кашлица, и дека во текот на денот ќе има официјален стручен извештај дали има оштеувања или на време ги вклучиле фрижидерите.

    „Не се работи само за тоа дека ќе имаше огромна материјална штета, туку тоа ќе предизивика општа опасност по здравјето и животот на граѓаните. Како на пример, среде епидемија на голема кашлица, да немаме реагенси, кои и онака се недоволни“, кажа таа.

    Андоновска додаде дека забележале оти од тие разводни табли има стотина осигурувачи, а биле исклучени само тие кои се поврзани со фрижидерот. На новинарско прашање каков е протоколот за тој дел, таа кажа дека од таа просторија има само еден клуч, и тој е кај еден од вработените.

    Од Јавното обвинителство велат дека предметот е оформен по информациите во јавноста дека на Институтот за јавно здравје вчера било намерно исклучено напојувањето со електрична енергија на коморите во кои се чуваат реагенсите за испитување на заразни и незаразни болести.

    „Поради сериозноста на можните штетни последици врз здравјето на луѓето што евентуално би биле предизвикани од еден таков чин, како и можноста да станува збор за кривични дела против државата како што се диверзија или саботажа, дежурните јавни обвинители од Основното јавно обвинителство Скопје и од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, заедно со истражители од истражните центри на обвинителството, излегоа на лице место и преземаат увидни дејствија. Се прибира документација, се вршат разговори со лица кои би можеле да имаат сознанија за настанот и се прават сите неопходни проверки, а за исходот од преземените дејствија јавноста ќе биде известена“, вели Обвинителството.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира