Бројот на патници на Меѓународниот аеродром Скопје опадна и во јуни, веќе трет месец по ред, објави специјализираната веб страна за авиоссобраќај Ексјуавиејшн. Падот на бројот на патници е забележан и покрај порастот на бројот на полетувања и слетувања, најмногу поради приземјувањето на значителен дел од флотата на „Виз ер“, поради проблеми со моторите на новите авиони од генерацијата „ербас320-321 нео“.
Имено, на Скопскиот аеродром имало 265.983 патници во текот на јуни, што е за 2,6% помалку од јуни 2023, а бројот на слетувања и полетувања е зголемен за 6,4 проценти.
Минатата година, унгарскиот нискобуџетен превозник во базата во Скопје во летната сезона имаше стационирано пет авиони од типот од типот „А321“, со капацитет од 230 седишта, а оваа година од Скопје се лета само со помалите „А320“ со 180 седишта. Поради проблемите со новата генерација од авионите на „ербас320-321 нео“, годинава во Скопје не беше донесен и уште еден авион, како што претходно беше планирано. Летово „Визер“ во скопската база има пет авиони, а беше планирано да има шест.
Ова намалување на капацитетот влијаеше на падот на бројките на превезени патници и покрај тоа што на Скопскиот аеродром во меѓувреме почнаа да летаат и „Ер Балтик“ за Рига и „Аџет“ за Истанбул, а зголемен е и бројот на чартер летови, главно за Анталија. „Визер“ и натаму е авиопревозник кој има најголем удел на пазарот во македонскиот авиосообраќај. Минатата година тој удел беше 61,8 проценти.
Во текот на првата половина на годината, аеродромот во Скопје опслужил 1.364.571 патници, што е намалување до 10.9% по рекордното прво тромесечие.