НИКОЈ ОД ВЛАСТА ВО ОПШТИНА ТЕТОВО НА ЧЕЛО СО КАСАМИ НЕ ДОЈДЕ НА ОДБЕЛЕЖУВАЊЕТО НА ИЛИНДЕН ПРЕД СПОМЕНИКОТ НА РЕВОЛУЦИЈАТА ВО ГРАДОТ

    НИКОЈ ОД ВЛАСТА ВО ОПШТИНА ТЕТОВО НА ЧЕЛО СО КАСАМИ НЕ ДОЈДЕ НА ОДБЕЛЕЖУВАЊЕТО НА ИЛИНДЕН ПРЕД СПОМЕНИКОТ НА РЕВОЛУЦИЈАТА ВО ГРАДОТПразникот се одбележа пред Споменикот на револуцијата во организација на Сојузот на борците од Тетово. (Фото: СДК.МК)

    На одбележувањето на 121 година од Илинденското востание и 80-годишнината од Првото заседание на АСНОМ во Тетово, овојпат немаше претставници од Општина Тетово и немаше објаснение зошто не присуствуваат. Градоначалник на Тетово е Билал Касами, лидер на БЕСА која е и дел од владиниот коалиционен партнер „Вреди“, а партијата го води и мозинството во општинскиот Совет.

    Празникот се одбележа пред Споменикот на револуцијата во организација на Сојузот на борците од Тетово, каде цвеќе положија делегации од Сојузот на борците од Тетово, касарната во Тетово, СВР Тетово, претставници од политичките партии ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ЗНАМ и Левица, како и претставници од неколку здруженија.

    Во рефератот прочитан пред присутните беше нагласено значењето на двата Илиндена за македонскиот народ и за неговата самобитност.

    „Востанијата и револуциите што ги одбележуваат големите пресврти во животот на народите остануваат во историјата не како наследство и гибел, туку како пораки на желбите, како намери и идеи. На 2 Август 1903 година бијат камбаните во Крушево, градот избраник. Бијат точно на полноќ спроти Илинден и го објавуваат отпочнувањето на востанието. Во Крушево се вее црвеното знаме со најпознатата аксиома ‘Слобода или смрт’. 38 години подоцна македонскиот народ повторно се наоѓа во огнот, во фашистичкиот оган. На 2 август се одржува Првото заседание на АСНОМ во манастирот Прохор Пчински. Тоа претставува државно конституирање на македонскиот народ и народностите во Македонија во состав на југословенската федерација. Македонскиот народ во заедничка народноослободителна борба ги остварува своите вековни стремежи и идеали“, се вели меѓу другото во рефератот подготвен од професорката по историја Ружица Ристовска.

    Низ главните булевари на градот и на неколку столбови има истакнато македонско, албанско и знаме на Општина Тетово. Иако поголемиот дел од продавниците се затворени има и такви кои и денес работат, а работат и извесен број кафулиња во градот.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира