ШУМСКИ ПОЖАРИ И ВО ОХРИДСКО, НА ПОМОШ СЕ ВКЛУЧУВААТ ВРАБОТЕНИТЕ ВО ЈАВНИТЕ ПРЕТПРИЈАТИЈА И ГРАЃАНИТЕ

    ШУМСКИ ПОЖАРИ И ВО ОХРИДСКО, НА ПОМОШ СЕ ВКЛУЧУВААТ ВРАБОТЕНИТЕ ВО ЈАВНИТЕ ПРЕТПРИЈАТИЈА И ГРАЃАНИТЕДополнително ќе се оценува дали и денеска авионите ќе бидат вклучени во гаснењето на пожарот. (Фото: Принтскрин од видео)

    Шумски пожари од вчера се распламтија и во Охридскиот Регион. Пожарите над селата Опеница и Косел, пеплосаа огромни површини, а во близина активен е и пожарот на Илинска планина. На терен се екипи на противпожарната единица од Охрид, Национални шуми, јавни претпријатија и доброволци, а огнот вчера се гасеше неколку часа и од воздух со три „ер-трактори“. Поради опасноста пожарот да влезе во борова шума, Центарот за управување со кризи (ЦУК) таму пренасочи и еден хелихоптер.

    Од Штабот за заштита и спасување при Општина Охрид, велат дека пожарот кој беше закана за селата Опеница и Вапила е ставен под контрола. Се работи на отсекување на пожарот кој гори во правец на селото Косел, а се подготвува и екипа која ќе дејствува кон Расино каде огнот гори на непристапен терен. Дополнително ќе се оценува дали и денеска авионите ќе бидат вклучени во гаснењето на пожарот.

    Денес напомош се вклучуваат и општинските јавни препријатија со луѓе, механизација и логистика, кои заедно со сите останати институции во организирана акција ќе се пристапи кон справување со пожарите.

    „Повторно се јавува проблем со пожарот во селото Косел, Охридско, поради јакиот ветер истиот и покрај тоа што имаат 100 гасначи распоредени на просторот им избегал од контрола и повторно се реактивирал“, се последните информации од ЦУК.

    Синоќа градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, одржа состанок со Штабот за заштита и спасување при Општина Охрид во проширен состав согласно кризната состојба настаната од пожарите кои се активни на територија на Општина Охрид, а  упати и апел до граѓаните да помогнат во гаснењето на пожарите.

    Во моментов во државата активни се девет пожари.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира