ЕУ ЌЕ ИСПИТУВА ДАЛИ ВЛАДАТА ПОСТАВИЛА НЕСООДВЕТНА ГЛАВНА РЕВИЗОРКА ЗА ЕВРОПСКИТЕ ФОНДОВИ, НЕ СЕ ЗНАЕ ДАЛИ НОВОИМЕНУВАНАТА АФРОНА ВЕРВИЗОЛИ ВООПШТО ИМА ЛИЦЕНЦА ЗА РЕВИЗОР

    ЕУ ЌЕ ИСПИТУВА ДАЛИ ВЛАДАТА ПОСТАВИЛА НЕСООДВЕТНА ГЛАВНА РЕВИЗОРКА ЗА ЕВРОПСКИТЕ ФОНДОВИ, НЕ СЕ ЗНАЕ ДАЛИ НОВОИМЕНУВАНАТА АФРОНА ВЕРВИЗОЛИ ВООПШТО ИМА ЛИЦЕНЦА ЗА РЕВИЗОРГлавниот ревизор за ИПА фондовите и неговиот заменик, кои отчет даваат пред ЕУ, треба да имаат уверение за стекнато звање од областа на ревизијата и да поседуваат еден од петте меѓународно признати сертификати или уверенија за активно познавање на англискиот јазик, не постари од 5 години; - Евроамбасадорот Дејвид Гир. (Фото: СДК.МК)

    Главна ревизорка која ќе го контролира трошењето на европските пари во Македонија, со одлука на Владата од 30 јули, е Афрона Вервизоли, за која не добивме потврда дека има лиценца за ревизор, а камо ли да ги исполнува строгите услови за оваа функција пропишани од Европската Унија (ЕУ). Вервизоли е дипломирана економистка, претходно работела во банка. Избрана е на предлог на Коалицвијата „Вреди“.

    Нејзината биографија се крие најстрого. Но, ја побаравме на новата функција во Ревизорското тело за ревизија на инструментот за претпристапна помош. Вработена која не се претстави, кажа дека нејзините документи уште не стигнале таму, спомна дека прашањето треба да го адресираме до Владата која ја назначила, не се претстави и ни побара телефонски број за да ни се јават.

    До објавување на текстот, не се јавија од кабинетот на Вервизоли.

    Се сокрија и од Владата, откако и таму поставивме прашање за компетентноста на главната ревизорка.

    Одговор добивме само од Делегацијата на ЕУ во Скопје, предводена од амбасадорот Дејвид Гир, за кого неофицијално слушнавме дека веќе реагирал за ова кадровско решение. Таа треба да пред сè да е ревизор со лиценца и да е највисоко обучена, за да внимава да не се злоупотребат парите од Европската Унија кои преку фондовите на инструментот за претпристапна помош (ИПА) влегуваат во Македонија.

    Главниот ревизор за ИПА фондовите и целото ревизорско тело отчет даваат пред ЕУ, а не пред Владата која, пак, назначи несоодветен кадар на ова многу важно место.

    ЕУ најави дека внимателно ќе го испита ова владиното именување на Вервизоли која не е ревизор.

    „Важно е сите назначувања на надлежни позиции во државните институции да се вршат со почитување на сите законски услови за работното место и релевантна стручност. ЕУ внимателно ќе ги испита именувањата од оваа перспектива, особено доколку тие се однесуваат на користењето на проекти и активности финансирани од ЕУ во Северна Македонија“, најавија од Делегацијата на ЕУ.

    Од Владата најпрво ни рекоа да испратиме прашања, но одговор не добивме. Прашавме дали ќе ја преиспита компетентноста на Вервизоли, дали ѝ е познато на Владата дека таа немала лиценца за ревизор и што ќе преземе на овој план, бидејќи Делегацијата на ЕУ најави дека ова именување ќе го преиспита.

    По поставување на прашањата, и од Владата повеќе не одговораа на нашите телефонските повици.

    Законот за ревизија на инструментот за претпристапна помош (ИПА) содржи многу строги услови, а членот 5 точно кажува кој може да биде главен ревизор, односно кој да го контролира трошењето на европските пари овде во земјава.

    Прво, вели дека за именување на главниот ревизор за ИПА и на заменикот, се објавува јавен оглас во најмалку три дневни весници кои се издаваат на целата територија на Македонија, од кои еден од весниците што се издаваат на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик.

    (2) Главниот ревизор за ИПА и заменикот треба да ги исполнуваат следниве услови:

    1) да се државјани на Република Северна Македонија;

    2) да имаат високо образование од областа на економските или правните науки;

    3) да имаат најмалку седум години искуство во областа на економијата или правото;

    4) да имаат уверение за стекнато звање од областа на ревизијата;

    5) дa поседуваaт еден од следниве меѓународно признати сертификати или уверенија за активно познавање на англискиот јазик не постар од пет години:

    – ТОЕФЕЛ ИБТ најмалку 74 бода,

    – ИЕЛТС (IELTS) – најмалку 6 бода,

    – ИЛЕЦ (ILEC) (Cambridge English: Legal) – најмалку Б2 (B2) ниво,

    – ФЦЕ (FCE) (Cambridge English: First) – положен,

    – БУЛАТС (BULATS) – најмалку 60 бода или

    – АПТИС (АPTIS) – најмалку ниво Б2 (B2).

    6) да не вршат друга јавна функција или професија, да не се членови во органи на политичка партија, членови на управен одбор, надзорен одбор или кој било друг орган кај друг правен субјект.

    7) да не им е изречена прекршочна санкција, односно казна забрана за вршење на професија, дејност или должност.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира