Ексдиректорот на скопската Зоолошка градини Ѓорѓи Галетановски конкурираше на огласот на Град Скопје за избор на директор на оваа институција. Галетановски денеска на својот фејсбук профил напиша дека поднел документи, бидејќи смета дека сега зоолошката се наоѓа во лоша состојба за разлика од периодот кога тој беше директор.
„Се одважив и поднесувам во името на многу засегнати граѓани на Скопје и Македонија кои ми пишаа деновиве, но најповеќе поради животните и моите колеги кои заслужуваат мир, благосостојба и услови достојни за нив. Барам од градоначалничката Данела Арсовска и Советот на Град Скопје мандат од една година во кој тврдам и ветувам дека со моите колеги и многу општествено одговорни компании и јавни личности од државава ќе ги подобрам условите и ќе ја вратам нивната и гордоста на ЗОО Скопје“, вели Галетановски.
Галетановски беше поставен за директор на Зоолошката градина во јуни 2018 во мандатот на ексградоначалникот Петре Шилегов. По доаѓањето на функција на градоначалничката Данела Арсовска тој во декември 2021 си поднесе оставка од функцијата.
Во мандатот на Галетановски и Шилегов во Зоолошката градина беа донесени голем број животни и направена нови живеалишта. Жители на Зоолошката станаа слониците Дуња и Даела, од рехабилитација во Холандија се врати шимпанзото Коко, градината за прв пат доби пингвини и фламинга, а беше изграден и Дино-паркот. Во негово време Зоолошката имаше рекордна посетеност од 18.000 граѓани за викенд.
Во мандатот на Арсовска и актуелниот в. д. директор Зоран Попов, скопската Зоолошка градина го изгуби кандидатскиот статус поради неисполнување на обврските зададени од Европската асоцијација на зоолошки градини (ЕАЗА) изминативе две години. Попов е третиот директор на Зоолошката што е поставен во мандатот на Арсовска од 2021 досега, а во овој период меѓу другите животни угинаа двете жирафи и слоницата Дуња.
А. АНТЕВСКА