На денешната собраниска седница во скратена постапка беа усвоени измените на Законот за урбанистичко планирање со 64 гласа „за“ и 11 „против“.
Министерот за транспорт Александар Николоски вели дека со измените ќе бидат одглавени 600 детални урбанистички планови, а ќе бидат олеснети и процедурите за градба на објекти од јавен интерес, како училишта, градинки, болници, амбуланти и катни гаражи, додавајќи дека ова ќе важи само за објекти во целосна сопственост на државата или општината.
Сепак, за измените реагираше невладината организација „О2 иницијатива“, која побара од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова да не го потпишува указот за прогласување на законот.
„Јавно се обраќаме до претседателката на државава Гордана Сиљановска-Давкова да не го потпише указот за прогласување на Законот за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање и го врати законот на повторно разгледување во Собранието со задолжителна јавна расправа“, велат од невладината.
Оттаму велат дека овој закон е донесен по скратена постапка, иако последиците од него се огромни и нè засегаат сите и е донесен без јавна расправа, без консултации со стручната јавност, без објавување на Единствениот Национален Електронски Регистар на прописи на РСМ (ЕНЕР) со можност да се дадат коментари и да се влијае во процесот на негово донесување, без задолжително известување на сите засегнати здруженија на граѓани и невладини организации. Од „О2 иницијатива“ сметаат дека ваков суштински закон чии последици ги трпиме сите не смее да се донесе без јавна расправа и учество на стручната јавност и граѓанските организации.