ВЛАДАТА ЌЕ ГИ ДОГРАДИ НЕДОВРШЕНИТЕ ОБЈЕКТИ ОД „СКОПЈЕ 2014“, МИЦКОСКИ САКА ДА БИДАТ ВО МОДЕРЕН СТИЛ, АМА ЌЕ ГИ ПРАША И АРХИТЕКТИТЕ

    ВЛАДАТА ЌЕ ГИ ДОГРАДИ НЕДОВРШЕНИТЕ ОБЈЕКТИ ОД „СКОПЈЕ 2014“, МИЦКОСКИ САКА ДА БИДАТ ВО МОДЕРЕН СТИЛ, АМА ЌЕ ГИ ПРАША И АРХИТЕКТИТЕПо доаѓањето на СДСМ на власт останаа недовршени неколку објекти меѓу кои и фасадата на зградата на ЕСМ, која владата на Груевски почна да ја менува од модерна во барок, а владата на СДСМ не ја врати во модерна. (Фото: СДК.МК)

    Премиерот Христијан Мицкоски најави дека недоизградените објекти од проектот „Скопје 2014“ ќе се довршат и во буџетот за 2025 година ќе се предвидат пари за тоа. Премиерот вели дека центарот на Скопје сега изгледа грдо, бидејќи тие со години зјаат со недовршени фасади и оти ако се прашува тој, би сакал да се довршат во модерен стил.

    Премногу е грда сликата сега. За поголем број од тие објекти бараме начин како да се довршат. За вкусовите не се дискутира, мене еден стил ми се допаѓа, на други некој друг стил во уметноста. Јас сум љубител на модерниот стил и би сакал сите тие згради ако е можно да се завршат во тој стил, но тоа ќе го кажат архитектите“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање при посетата на Царинската управа.

    Мицкоски рече дека дел од недовршените објекти се приватна сопственост, но ќе имаат средби со сопственците да се најде начин како и тие да бидат довршени.

    Бројот на туристи кај нас е во пораст за 11 проценти и затоа треба што поскоро да се направат овие објекти. Ние како Влада подготвуваме посебна програма за туризам, со по неколку чартери во неделата со странски туристи“, рече Мицкоски.

    Проектот „Скопје 2024“ го спроведуваше владата на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Никола Груевски за што беа потрошени над 700 милиони евра, за спомениците во центарот, изградба на нови објекти со квазинеокласични фасади и промена на фасадите на зградите во центарот од модерна во квазибарок. Над 30 милиони евра чинеше само промената во барок на фасадата на зградата на Владата, која оригинално беше еден од најзначајните примери на макеоднската модерна архитектура.

    По доаѓањето на СДСМ на власт во 2017, останаа недоградени неколку објекти и тоа споменикот „Мајка Тереза“ кој е дивоградба и го блокира влезот на Плоштадот, зградата на ЕСМ, фасадата на „Пелагонија“, како и новите згради на Факултетот за физичка култура и ФИНКИ. Фасадата на зградата на ЕСМ, која беше исто така значаен примерок од македонската модерна, почна да се менува во барок, но со промената на власта прекина и зградата седи без фасада последниве 7 години.

    СДСМ за седум години власт не чепна ниту еден од овие објекти. Дури, не ја урна ни дивоградбата од недовршен споменик „Мајка Тереза“ иако експертската комисија тоа го кажа во извештајот за евалуација на објектите од „Скопје 2014“.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира