Радмила Шекеринска е една од двете најсериозни кандидатки за заменичка на новиот генерален секретар на НАТО Марк Руте, објави европското издание на „Политико“. Актуелниот заменик-генерален секретар, Мирчеа Џоана, се очекува да се повлече за да учествува на претседателските избори во Романија во ноември, велат функционери на НАТО за „Политико“.
Висок НАТО дипломат од Западна Европа вели дека има генерален консензус меѓу сојузниците дека за заменик на Руте треба да биде назначен источноевропеец.
Според „Политико“, разговорите во седиштето на НАТО во Брисел се околу две поранешни функционерки од Северна Македонија и Бугарија.
„Позицијата најверојатно ќе ѝ припадне на жена од Источна Европа“, кажа поранешната портпаролка на НАТО Оана Лунгеску.
Руте треба да официјално да стапи на функцијата на 2 октомври.
Името на поранешната македонската министерка за одбрана Радмила Шекеринска се споменува во круговите на НАТО, според висок НАТО функционер. Ако биде назначена, Шекеринска ќе биде највисок функционер од Западен Балкан во НАТО.
Мајда Руге од тинк тенкот Европски совет за надворешни односи смета дека Шекеринска е идеален кандидат.
„За следниот заменик на генералниот секретар, на НАТО ќе му биде потребна искусна фигура која е компетентна, храбра и паметна во врска со Русија и, исто така, која ги разбира предизвиците во Западен Балкан. Радмила Шекеринска совршено се вклопува во тој профил“, вели Руге.
Другата кандидатка која се споменува е поранешната бугарска еврокомесарка Марија Габриел, според двајца НАТО функционери запознати со плановите.