ПОЗИТИВНАТА ЛИСТА ПРОШИРЕНА СО ЛЕКОВИ ПРОТИВ ДЕПРЕСИЈА И ЗГРУТЧУВАЊЕ НА КРВТА

    ПОЗИТИВНАТА ЛИСТА ПРОШИРЕНА СО ЛЕКОВИ ПРОТИВ ДЕПРЕСИЈА И ЗГРУТЧУВАЊЕ НА КРВТАМинистерот Таравари, премиерот Мицкоски со директорот на Клиниката за дигестивна хирургија, д-р Огнен Костовски. (Фото: К. Попов)

    Денеска ќе ја потпишам одлуката на Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО ) за проширување на позитивната листа на лекови со 9 нови лекови, рече  министерот за здравство Арбен Таравари, додавајќи дека последен пат била проширена во 2014, со само еден лек. Лани, после 13 години беше формирана Комисија за позитивната листа.

    „Листата ќе се прошири со 9 нови лекови, девет нови генерици кои се скоро неизбежни за повеќето болести во Македонија. Ќе имаме нови антихипертензивни лекови, нови антикоагуланси, нови антидепресиви. После шест месеци планираме да ја прошириме плус листата со уште неколку лекови, но за тоа треба да седнеме со директорот на Фондот да видиме што се можностите“, кажа Таравари.

    Од Лекарската комора денеска преку соопштение за средба со министерот за повеќе прашања, велат дека за позитивната листа на лекови „беше истакнат став дека во процесот на нејзино проширување повеќе треба да бидат вклучени лекарите преку стручните здруженија, бидејќи тие се најстручни за да кажат кои лекови се најпотребни за лекување на пациентите. Исто така, важно е овој процес да биде инклузивен и за пациентите, преку нивните здруженија за и тие да се информирани навреме за одлуките што се носат и да имаат можност да ги претстават своите видувања“.

    На новинарско прашање до каде е тендерот за набавка на нови компресорски станици за хируршките клиники на скопскиот Клинички центар, Таравари рече дека тендерот е објавен на 12 август и се надева дека за разлика од првиот неуспешен тендер, сега ќе се пријави фирма.

    „Ако пак никој не се пријави, ќе прашаме експерти што понатаму, како да го решиме овој проблем до декември. Немаме друга опција. Салите и сега работат со надворешни компресори. Можеби кога ќе треба да се местат новите компресори, ќе треба да не работат десет дена“, кажа министерот.

    Таравари, заедно со премиерот Христијан Мицкоски и голем број на директори на здравствени установи денеска го претставија комплетно реновираното одделение на Клиниката за дигестивна хирургија кое започна со реконструкција пред 30 дена во вредност од околу 700.000 евра, донација од Јапонската амбасада. Набавени се нови кревети, плакари, врати и осветлување. Преку Министерството за здравство годинава е набавена апаратура во вредност од 1.000.000 евра за лапароскопски столб и изведба на оперативен зафат со употреба на флуоресцентен контраст.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира